
Ова беше договорено на денешната средба во Приштина меѓу министерот за надворешни работи Никола Попоски и вицепремиерот и министер за надворешни работи на Косово, Хашим Тачи на која беа потпишани договори за преминување на границата со биометриски лични карти и за отворање на новиот граничен премин за меѓународен патен сообраќај Белановце-Станчиќ.
-На средбата водевме отворени пријателски разговори за повеќе теми кои се значајни за нашите граѓани во делот на економијата, образованието, науката, културата, безбедноста и инфраструктурата. Наш стратешки интерес е да имаме стабилен и просперитетен сосед во Република Косово и токму во таа насока ги потпишавме и двата денешни договора – Билатералната спогодба за условите за патување на државјаните на двете земји и Протоколот за начинот на изградба и за отворање на новиот заеднички граничен премин, рече министерот Попоски на прес-конференцијата во Приштина.
Тој нагласи дека на средбата станало збор и за реализација на заедничките инфраструктурни проекти и за можноста за тоа да се добијат средства од Европската унија и меѓународните финансиски институции.
-Значајно е соработката да ја развиваме и во рамки на Европската унија. За нас е од стратешки интерес сите наши соседи да бидат стабилни и просперитетни и да можеме сета соработка која досега ја имаме да ја унапредуваме, рече Попоски.
Косовскиот вицепремиер Тачи нагласи дека Косово и Македонија имаат одлични односи и додаде дека Македонија е значаен стратешки, политички, економски, дипломатски и безбедносен партнер на Косово.
-Денеска е нов момент за нашите народи. Потпишавме важни договори за граѓаните на Косово и Македонија. Ќе работиме на брза имплементација на двата договора, рече Тачи и се заблагодари за македонската поддршка на Косово во меѓународните институции, а особено во УНЕСКО.
Посочи дека одличната соработка меѓу двете земји придонесува за мирот и стабилноста на регионот и додаде дека Косово ќе се заложи успешно да ја заврши изградбата на автопатот од Приштина до македонската граница.
Соработката со соседните земји, мирот и стабилноста во регионот и интеграцијата во ЕУ и НАТО, се заеднички приоритети на Македонија и на Косово, истакна Хашим Тачи.
-Интерес на Косово и на целиот регион е Македонија што поскоро да стане дел од НАТО, а целиот регион да продолжи да се движи кон интеграција во ЕУ, рече Тачи.
Повтори дека Приштина го поддржува целосното спроведување на Охридскиот рамковен договор. Најави дека Приштина и Скопје ќе ја продлабочат соработката и во борбата против екстремизмот и радикализмот, како и во справувањето со актуелната мигрантска криза.