
НК за КР Радовиш поднесе кривична пријава против лицата Т.А. (38) од Кочани и E.А.(23) од Македонска Каменица, како и известување до Основното јавно обвинителство-Струмица против петнаесетгодишник од Виница поради постоење основи на сомнение дека сториле 31 кривично дело во периодот од 1 декември 2014 година до 17 јануари годинава.
Од вкупниот број извршени кривични дела 25 се „тешки кражби“ , две кривични дела се „кражба“ и четири кривични дела „одземање на моторно возило“. Имено, првопријавениот Т.А. заедно со малолетникот учествувале во извршување на сите кривични дела, а додека второпријавениот Е.А. учествувал во извршување на 12 кривични дела, соопшти денеска МВР.
По преземени оперативни тактички мерки и активности на 17 јануари годинава околу 15 часот во атар на радовишкото село Дамјан, фатени се и лишени од слобода Е.А. и петнаесетгодишникот, а додека Т.А. не е пронајден и по него е распишана потерница. При лишување од слобода кај наведените лица се пронајдени и со потврда за привремено одземени предмети се одземени пари во разни банкноти и монети, златник, мобилни телефони и многу други предмети.
Објект на напад на групата, се појаснува во соопштението, биле манастири, цркви, продавници, стан, патнички моторни возила и винарска визба. Делата ги извршувале на начин што со погоден алат и секира ги разбивале влезните врати, ги кршеле катанците, кршеле стакло од врати и прозори. На тој начин сторителите се стекнале со противправна имотна корист од 431.450 денари.