
Новата мерка, што ќе се реализира годинава, денеска ја најавија заменик-министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски и претседателот на Бизнис конфедерацијата на Република Македонија Миле Бошков.
– Се предвидува со буџетот кој го обезбедивме во висина од 6 милиони и 650 илјади денари финансиски да ги поддржиме најуспешните микро и мали компании кои успешно работат изминатите неколку години, бележат раст и развој и имаат бизнис план за понатамошен развој на сопствената компанија и за зголемување на бројот на вработени, нагласи Спасов.
Со оваа мерка и со оваа финансиска поддршка, како што рече, ќе се поттикне понатамошниот развој на мали и микро компании, особено во областа на производството и современи услуги, како на пример информатичките технологии.
Спасов изрази надеж дека оваа мерка ќе биде успешна и оти понатаму ќе влезе како стандардна мерка во Оперативните планови на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување.
– Бизнис конфедерацијата на Република Македонија, која е реализатор на оваа мерка, во рангирањето на најуспешните микро и мали компании, кои ќе добијат финансиска поддршка од 615 илјади денари ќе вклучи претставници од сите стопански комори и сојузи во Македонија. Се со цел да имаме претставници од сите организации на бизнис заедницата, кои ќе учествуваат во рангирањето на компаниите, рече Спасов.
Директорот Поповски ги повика сите микро и мали компании кои постојат пред 2012 година, имаат најмалку двајца вработени и позитивно салдо во последните три години да аплицираат и да бидат дел од оваа програма. Тој изрази надеж дека ќе се изберат најквалитетните фирми од Македонија. Пријавувањето е од денеска до 12 март.
– Со оваа активност, односно промовирање на газелите како добар пример на водење бизнис, особено кај мали и микро компании ќе поттикнеме одржливост, знаење, квалитет и опстојност во македонската економија, рече Бошков.