Јавниот сектор во Македонија брои 127.139 вработени во вкупно 1.266 институции што е речиси еден отсто помалку во однос на јули минатата година, соопшти денеска министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска, објави МИА.
Презентирајќи ги резултатите од регистарот на вработени што требаше да се воспостави заклучно со утре, но е веќе во функција, најмногу вработени има во секторот образование и наука, 34.200, и во здравството, 19.826, додека најмалку во судството и културата.
Во институциите на централно ниво: собрание, влада, министерство, фондови, агенции,… се вработени 17.077 лица, во полицијата 11.359, а во одбраната 7.825.
– Бројката на вработените во јавниот сектор е намалена зашто изминатиов период се објавени исклучително помал број огласи, односно само неколку, за војската и полицијата, како и во други сегменти каде, поради потреба, се склучени времени договори за не повеќе од една година, истакна Арсовска Томовска на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање.
Како што информира министерката, за дополнителна транспарентност на веб страницата на Министерството секој вработен со внесување на матичниот број ќе може да провери дали е внесен во регистарот.
Регистарот на вработени во јавниот сектор се уште се полни и овој процес треба да заврши на 31 март годинава кога ќе биде објавен и првиот годишен извештај