За безбедоста на американскиот државен секретар Џон Кери, кој утре ќе престојува во посета на Тирана, ќе се грижат над 1.500 полицајци, а ќе биде забранет и сообраќајот на многу улици низ албанскиот главен град, јави дописникот на МИА.
Освен полицајци, за безбедност на американските гости ќе се грижат ии припадници на албанската армија, вклучувајќи ја и гардата, како и на албанската тајна служба ШИШ и на безбедносни служби од САД. Од воздух за време на престојот на Кери состојбата ќе ја набљудува воен хеликоптер.
Во периодот од шест наутро до 15 часот попладне забранет ќе биде сообраќајот на плоштадот „Мајка Тереза“, булеварите „Народни херои“ и „Скендер бег“, како и на сите улици во поширокото опкружување. На дел од нив нема да се дозволи паркирање на возила.
Шефот на американската дипломатија на аеродромот во Тирана ќе слета во 9 часот, каде ќе го пречека алабанскиот претседател Бујар Нишани. По разговорите со Нишани, Кери прво ќе се сретне со шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати, а потоа со премиерот Еди Рама. По средбата, Рама и Кери ќе дадат изјави, но на новинарите нема да има биде дозволено да поставуваат прашања.
Високиот американски гостин ќе се сретне и со лидерот на најголемата албанска опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша, а неколкучасовниот престој во Тирана ќе го заокружи со средба со фрупа млади луѓе, од каде ќе упати порака за иднината и предизвиците на Албанија.