
Општина Виница до Министерството за транспорт и врски достави три локации како предлог за типски населби, од кои дел се опфатени во Урбанистичкиот план на општината, а дел не.
Согласно проектот на Владата „Купи куќа за млади“, општина Виница ќе понуди три локации со вкупна површина од 8,3 ха, на кои можат да се обележат од 150-180 парцели.Местото викано Салиова ливада е со опфат од 3,7 ха, и оваа локација е надвор од ГУП во низинскиот дел, а другите две локации се ридскиот дел од градот. Локацијата Падарница е во ГУП, и е со површина од 2,2 ха и третата локација, Бажева Падина, е со површина од 2,4 ха, половина е во ГУП, другата половина е надвор од ГУП. Со парцијализацијата, очекуваме околу 180 парцели кои ќе се продаваат, изјави градоначалникот Дончев.
Локациите понатаму треба да ги одобри Министерството за транспорт и врски, затоа што државата ќе ја финансира урбанизацијата на понудените места, како и изградба на пат, водовод и канализација, а општината е должна да ги понуди на продажба по пат на електронска јавна аукција со почетна цена од евро за метар квадратен.
Според проекцијата на надлежните институции, сите процедури треба да се комплетираат во втората половина од годинава, а со тоа да почне изградбата во типските населби.
Дополнително, државата за граѓаните обезбеди бесплатни проекти за куќа, што претставува дополнителна заштеда, а понудени се типски куќи со различна квадратура.
Во Виница интересот за проектот “Купи куќа за млади“ е изненадувачки, во канцеларијата на Управата за имотно-правни работи, досега информација побарале 100-на млади лица.