ВМРО-ДПМНЕ: Заев да престане да работи на разнебитување на македонското ткиво во Албанија

Денес аболицираниот криминалец Зоран Заев уште еднаш потврди дека неговото „пусто срце“ е во агонија поради тоа што не успеа да ја отсече општината Пустец од Македонија, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Интегрален текст од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ

Прво изјави дека го молел Бога да има притвори, денес јавно соопшти дека не му се бендисувало што судот не определи притвор за Едмонд Темелко, и повика од притвор да се ослободат осомничените терористи за Диво Насеље.

Затоа Македонците од Пустец за кои Заев посакуваше притвор на Заев му порачаа:

„На приведувањето на Едмонд Темелко се радуваа сите душмани на македонскиот народ и бугарските фашисти и затоа ние го сметаме ова како едно антимакедонско дело“

„Со ослободителната одлука на судот сметаме дека правдата си го најде местото, исто така ги охрабруваме Македонците од Мала Преспа и Албанија дека ние докрај остануваме Македонци и ќе се бориме за правата на Македонците во Албанија и во целиот свет“

„Ние сме Македонци и не сме против Македонците во Македонија, туку сме против некои што не знаат што прават заради парите го уништуваат македонскиот народ, го нарекуваат Албанците, а не Македонците. Не треба некој нас да не нарекува Албанци,  како што не нарекуваат некои од  СДСМ од Ресен, од Битола и други места“

Ова се зборовите на луѓето кои за Заев и СДСМ се непријатели и за кои Заев и СДСМ се молат на Бога да има притвор.

За прифаќање различности говори Заев, истиот човек кој новинарите ги дели на најголеми кафански пријатели и најголеми политички непријатели.

За Заев добри новинари се само оние кои ги води во кафеани и кои прават селфи со него. Нив не ги чести со неговиот раскошен речник кој му е резервиран само за новинарите кои не работат под диктат на СДСМ.

Новинарите кои немаат желба да седат на кафанска маса со Заев тој ги квалификува со следните зборови:

„Кога зборувате труе, ширите радијација, поголем изрод од вас не постои, вие сте злосторничка банда, политички непријатели, овие вести се ку*тон вести, вие сте криминалец, вие лажете, ова е лага како и сите лаги сите овие години, Латас е српски шпиун, единствена странска служба сте вие, труете од што лажете, болумента, алооо началниче…“

Ова е речник од кој се срами секој граѓанин на Македонија. Ова е скандалозен однос на човекот кој на избори ќе ја бара поддршката од народот. И кога нема да ја добие, тогаш и народот ќе му е непријател. Стока и стадо овци – така СДСМ го нарекува народот кој не им ја дава довербата.

Единствено што е јасно кога зборува Зоран Заев е дека никому ништо не му е јасно.

Наместо да зборува за коцки кои едноставно плутаат и се поклопуваат па прават мозаик, Заев треба да престане директно да работи на разнебитување на македонското ткиво во Албанија и на сатанизирањето на новинарите кои не му се послушници и кои не ги води во кафани.

Затоа рејтингот на Заев е светски рекордер во паѓање – 30% за само 4 месеци, односно од мизерни 7% на уште помизерни 5%. Народот гледа и знае кој работи во негов интерес, а кој спроведува деструктивно сценарио.

Затоа народот на 24 април по 10-ти пат по ред ќе му даде доверба на ВМРО-ДПМНЕ.