„Метрополис“ арената мала за фановите на „Златна бубамара“

Деветнаесетата по ред Златна Бубамара на популарноста се одржа вчера во Метрополис арената во Скопје.

За време на манифестацијата која се одржа под мотото „Да се собереме пред да не соберат“, а која е во организација на Ранко Петровиќ и оваа година доминираа хуморот, смеата, емоциите и шегите…

Арената беше преполна, а меѓу присутните на најпопуларната и најгледана манифестација од забавен карактер можеа да се забележат и голем број личности од јавниот живот.

Имено, наградата за трајни вредности му припадна на легендарниот шоумен Игор Џамабазов, а наградата за животно дело на дуетот Селимова-Желчески.

Златната Бубамара за актерка на годината замина во рацете на Тања Кочовска, додека пак во машка категорија наградата ја доби актерот Петар Мирчевски.

Наградата за најпопуларна ТВ серија ја доби 5 + Фамилија – ОХО продукција, а златната Бубамара за  млад актер на годината ја доби Жарко Димоски од Театар Комедија.

Кога станува збор за македонската музичка сцена, наградата за група на годината им припадна на ДНК, додека пејачката Тамара Тодевска стана „побогата“ за три златни бубамари – таа доби награди за пејачка, албум и концерт на годината.

Наградата за најпопуларна вокална група во регионот замина во рацете на Фрајле, а Златната Бубамара за трајни музички вредности ја доби Ван Гог.

Неделно попладне е добитник на наградата за ТВ забавна емисија на годината, додека пак во категоријата ТВ емисија на годината Златната Бубамара ја освои Зевзекманија, која се емитува на Канал 5.

Традиционално и оваа година на манифестацијата свои точки имаа голем број естрадни уметници од земјава и регионот, меѓу кои и Игор Џамбазов, кој ја трогна публиката со песната за својот живот.

Погледнете дел од атмосферата…