
НАТО од утре треба да започне со свои патроли во Егејското Море во рамки на надзорната мисија на Алијансата за справување со приливот на бегалци.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека целта на операцијата на НАТО во Егејското Море е да биде намален приливот на бегалци и мигранти во Европа, кои доаѓаат од Блискиот Исток. Улогата на НАТО во регионот ќе биде надзорна.
– Ќе учествуваме во меѓународните напори за да ги пресечеме каналите за нелегална трговија во Егејското Море, се вели во соопштението на Алијансата.
Во него се појаснува дека бродовите на НАТО ќе собираат и ќе им доставуваат информации на пристанишните власти на Грција и на Турција за ситуацијата со бегалците во регионот.
Според Столтенберг, групата бродови на НАТО ќе има разузнавачка, надзорна и истражна функција во регионот и ќе биде во контакт со Европската агенција за контрола на надворешните граници на ЕУ, Фронтекс.
– Задачата на НАТО не е да ги принудува бродовите со мигранти да се враќаат од каде што дошле. Ние ќе даваме информации за критичноста на ситуацијата, со цел да им ја олесниме работата на крајбрежните стражи на Грција и Турција, како и на Фронтекс за да се зголеми ефикасноста на мисијата, рече Столтенберг.
Тој појасни дека доколку бродовите на НАТО спасуваат луѓе кои паднале во морето од бродови кои тргнале од Турција, тие ќе бидат превезувани до турска територија.
Генералниот секретар на Алијансата прецизираше дека НАТО ќе го зајакне и надзорот на границите на Турција со Сирија, за да и помогне на Анкара во справувањето со бегалската криза.
Столтенберг потврди и дека мисијата на НАТО во Егејското Море, поврзана со приливот на мигранти, почнала со подготовки уште пред две недели.
Оваа изјава всушност го демантира тврдењето на Грција, дека Турција го саботира спроведувањето на одлуката на министрите за одбрана на земјите од Алијансата.
Столтенберг во изјавата посочува дека поморските сили на НАТО се распоредени во регионот 48 часа по одлуката на министрите, донесена пред две недели.
Тој додаде дека синоќа биле утврдени деталите за спроведување на мисијата.
Столтенберг нагласи дека грчките воени бродови нема да дејствуваат на турска територија, ниту пак турските ќе навлегуваат на грчка територија.
– Миграциската криза ги засега сите, таа претставува хуманитарна трагедија и треба да пронајдеме решенија, нагласи Столтенберг.