Продолжи судењето за 29-те лица што се обвинети за настаните во мај минатата година во кумановско Диво Насеље. На денешното рочиште се сослушуваа сведоците, а по завршувањето изјава дадоа и јавните обвинители.
Тие во изјава за медиумите потенцираа дека не е вистина дека двајца водачи на групата, која се поврзува со тероризмот во Куманово, биле убиени во полициска станица и категорично ги отфрлија ваквите наводи. За ова, како што велат, постојат обдукциски вештачења во кои се наведува како и кога настанале повредите, а постојат и докази од заштитени сведоци.
Ако одбраната добро ги прочита наодите од обдукцијата, таму пишува колку рани имаат, каде се наоѓаат, како се облечени, како се однесени, објаснува јавниот обвините Наум Паноски.
Се знае од која далечина е пукано, а исто така имаме заштитени сведоци кои учествувале директно во престрелката, дополнува јавната обвинителка Вилма Рускоска.
На денешното рочиште беа сослушани три жени – сведоци, меѓу нив ќерката и сопругата на Фадиљ Фејзулаху. Тврдеа дека наводно, 2 илјади полицајци им упаднале во домот, ги малтретирале и ги тепале, а претходно пукале во дворот. На прашање, како знаат дека полицијата пукала, одговорија дека нема кој друг да пука, бидејќи во населбата никој немал нелегално оружје.
Мислам дека намерата на обвинителството со овие сведоци беше да докаже дека настанот како настан предизвикал чувство на страв и несигурност на луѓето во близина, меѓутоа според мене излезе обратното – практично нивната траума се должи на бруталното однесување од страна на полицијата, изјави адвокатот Насер Рауфи.
Кумановскиот катастар на Обвинителството му доставил податок дека куќата во којашто се криеле терористите била во сопственост на Фејзулаху. Им ја издавал на лица од Косово. Ќерката на Фејзулаху, сведочеше дека во таа куќа не живеат повеќе од четири години, додека неговата сопруга рече дека таа куќа не е дел од семејниот имот.
Рочиштето и денеска се оддржа под засилено полициско обезбедување. Новинарите, кои на претходното рочиште не беа во можност да ја следат расправата, сега судењето го гледаа на телевизор во судската библиотека.
Во трагичните мајски настани загинаа 8 припадници на полицијата, 42 беа ранети…