На Скопскиот Саем денеска беше отворен тринаесетиот по ред Саем за градежништво и недвижности „Реалекспо“, кој ќе трае до 5. март.
Оваа година на Саемот за градежништво учествуваат 90 компании, а во рамки на Саемот за недвижнини 20. Од странство присутни се компании од Германија, Турција и Србија.
Саемот за отворен го прогласи вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
-Градежништвото е потпора на македонската економија. Тоа е поддржано на повеќе начини. Прво преку растот на јавните инвестиции, односно крупните капитални проекти, врз основа на што минатата година за девет месеци градежништвото оствари реален раст од речиси 12 отсто, рече Ставрески.
Покровител на Саемот за градежништво, втора година по ред е Министерството за финансии со проектите „Купи куќа, за млади“ и „Купи куќа, купи стан“, кои имаат за цел да им се помогне на граѓаните полесно да дојдат до сопствен дом, што се вклопува во концептот на Саемот за градежништво и за недвижнини.
На Саемот се понудени над 3.000 плацови и 3.000 станови кои можат да се вклопат во владините проекти „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа, купи стан“.
Понудата е од вкупно 110 компании и плацеви од 14 општини меѓу кои и скопските Карпош, Петровец, Сопиште и Илинден.