Во јули годинава кутија цигари се очекува да поскапе за околу четири денари, а до 2016 година се очекува цената на една кутија цигари да биде повисока за 40 денари во однос на сегашната.
Весникот „Дневник“ пишува дека секоја година во наредната деценија ќе се зголемува акцизата за цигарите, со што тие двојно ќе поскапат. Од 1 јули 2014 година, стапката на специфичната и минималната акциза на цигарите ќе се зголеми за 0,15 денари за цигара, а од 1 јули 2016 година заклучно со 1 јули 2023 година, пак, оваа стапка цигарите ќе се зголемува за 0,20 денари за парче во секоја година. Ако се земе предвид дека во едно пакување има 19 или 20 цигари тоа значи дека секоја година во просек по 4 денари ќе се зголемува цената на кутија цигари или до 2023 година ќе има поскапување од 40 денари за кутија. Математиката покажува дека цигарите што денес се продаваат за 50 денари, последната година од поскапувањето ќе се продаваат за 90 денари или речиси двојно повеќе од сега.
Со измените на Законот за акцизите кои се во собраниска процедура се предвидува производителите и увозниците на тутун да ги пребројат резервите во нивните складови и кај дистрибутерите и да ја пресметаат новата акциза од 1 јули годинава. Тие што нема да ги пребројат резервите може да бидат казнети со глоби до 15.000 евра. Покрај тоа, тие ќе мора да ја пресметаат новата акциза на тутунска стока на денот на зголемувањето на акцизата и ако таа на денот на зголемувањето е поголема од наплатената акциза за подигнатите контролни марки по различни ценовни категории, се должни врз основа на решение од Царинската управа да ја уплатат разликата во рок од 30 дена по денот на зголемувањето на акцизата.