
Tурскиот премиер, Ахмет Давутоглу во пресрет на почетокот на Самитот ЕУ-Турција во Брисел порача дека Турција е подготвена да соработува со ЕУ во решавањето на бегалската криза, притоа потенцирајќи дека воедно е подготвена да стане членка на Унијата.
Тој истакна дека овој Самит сам по себе покажува колку Турција и е неопходна на ЕУ и обратно.
– Пред нас има многу предизици. Единствен начин да одговориме на нив е солидарноста, рече Давутоглу.
Тој нагласи дека европскиот континент е заеднички и дека треба да се согледа целата слика, а меѓусебната солидарност е потребна не само кога станува збор за нерегуларната миграција, туку и за иднината на Европа.
– Сигурен сум дека тие предизвици ќе бидат решение преку нашата соработка и Турција е подготвена да соработува со ЕУ. Турција е подготвена и да стане членка на ЕУ, рече турскиот премиер.
Лидерите на ЕУ ќе се состанат денеска со Давутоглу во обид да ја притиснат Анкара во спречувањето на приливот на бегалци и мигранти во Европа.