Турција побара многу од ЕУ за да стивне бегалската криза

Новите услови поставени од страна на турскиот премиер Ахмет Давутоглу го минираа веќе постигнатиот договор на денешниот неформален Самит за бегалската криза меѓу Европската унија и Турција што се одржува во Брисел. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Турција бара повеќе пари и услови во однос на евроинтеграцијата, а за возврат и нуди повеќе.

Според информациите од денешниот состанок кој се очекува да трае до доцна во ноќта, Турција побарала далеку поголема финансиска помош од Европската унија, покрај досега ветените три милијарди евра. Се споменува сума меѓу девет и 20 милијарди евра за максимум пет години кои турската држава би ги добила од Брисел и тоа директно како буџетска поддршка, а не за невладините организации што би се справувале со бегалската криза во Турција. Исто така, наводно Давутоглу побарал и отворање на повеќе преговарачки поглавја за членство на Турција во ЕУ, како и укинување на визите за турските граѓани за влез во ЕУ-земјите и тоа веќе во јуни оваа година, што е пред планираното на Европската комисија, која го утврди октомври како краен датум за визна либерализација.

Од друга страна, наводно Турција се согласува на реадмисија, односно да ги прифати назад нелегалните мигранти од Грција или оние што се заловени во нивните води, а бара за возврат за секој вратен по еден Сириец да биде преселен во ЕУ.

На вакво сценарио, наводно веќе биле подготвени голем дел од земјите-членки на ЕУ, но не и претседателот на Европскио совет Доналд Туск, кој се претспоставуваше дека наводно успеал да се договори се со Турците. Спроед информациите, германската канцеларка Ангела Меркел го уништила овој договор поради национални интереси со оглед на тоа што викендов во Германија ќе се одржат регионални избори во три клучни региони каде на Меркел, наводно и е потребен добар исход од денешните разговори во Брисел со кој ќе може да излезе пред германските граѓани и да бара поддршка за својата Христијанско-демократска унија (ЦДУ).

Претходно, и покрај пораката на Туск, во неговото писмо-покана до лидерите на земјите-члени на Европската унија плус Турција за денешниот неформален Самит во Брисел посветен на бегалската криза, во кој предлага затворање на западно-балканската мигрантска рута, според изјавите на лидерите пред почетокот на Самитот се чини дека ова прашање е јаболко на раздорот меѓу првите луѓе на Европската унија и тешко дека како таков заклучок ќе се најде во крајнио документ од состанокот.

Предлог на Австрија, Словачка, Чешка, Полска и Унгарија е да се затвори западно-балканската мигрантска рута и тоа на македонската граница со Грција, што го поддржува и првиот човек на Евросоветот Туск. Но, од друга страна германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, стојат на страната на Грција и Алексис Ципрас, а тоа е да продолжи „преносот“ на мигранти и бегалци на оваа рута каде главна земја е Република Македонија.

– Сакаме да го намалиме бројот на нелегални мигранти во сите земји, вклучително и во Грција, а не само во некои. Затоа, мораме да најдеме одржливо решение за заштита на надворешните граници и да обезбедиме функционирање на правилата на Шенген. Се треба да се подобри, но не со еднострани мерки – истакна Меркел.

Според германската канцеларка, единствено решение за бегалската криза е можно да се постигне преку соработка со Турција. Во тој поглед, претседателот на Француската Република, Франсоа Оланд, пред почетокот на денешниот Самит ЕУ-Турција, посочи дека со Турција треба да се има „директен, искрен и ефикасен однос“.

– Мораме да бидеме крајно внимателни во однос на мерките што се превземаат – посочи Оланд.

Покрај Австрија и Вишеградската група, Словенија и Хрватска исто така ја поддржуваат идејата за затворање на западно-балканската рута на границата на Македонија со Хеленската Република. Токму затоа, хрватскиот премиер Тихомир Орешковиќ, на денешниот состанок пристигна со уверување дека ќе се донесе одлука за „затворање на западно-балканската мигрантска рута“.

– Како што можевте да го видите и писмото на Доналд Туск, а тоа од моја страна е главна порака дека балканската рута ќе се затвори. Тоа ќе биде една од главните пораки, заедно со тоа дека ќе се засилат шенгенските правила и чекаме што турскиот премиер ќе каже и како ќе соработуваме. Јансо е дек ана Грција и е потребна помош на море и тој криминален елемент да се згасне или намали. Најголем дел од еворпската помош ќе оди за Грција и ако е можно избеглиците да може да се враќаат во Турција и да се намали бројот на мигрантите што ќе доаѓаат – изјави Орешковиќ.

Британскиот премиер Дејвид Камерон порача дека она што денеска ќе се договори не ја допира директно Велика Британија, иако посочи дека е и британски интерес за Европа ја обезбеди својата надворешна граница.

– Тоа е наш интерес и затоа испраќаме британски бродови. Но, ние имаме специјален статус во сето ова, бидејќи не сме во Шенген, но ги чуваме нашите силни граници и мигрантите кои доаѓаат во Европа не можат да дојдат и во Велика Британија. Нашиот став е силен како камен, а тоа е дека Британија не може да влезе во заедничкиот азилантски процес на Европа. Ние имаме наш пристап кон азилантите, ги чуваме границите, но најдобро за сите е специјалниот статус што го имаме. На крајот на денот, сите ги чуваме нашите граници – рече Камерон.

Се што денеска ќе договорат лидерите на ЕУ-земјите со Турција, која инсистира на финансиска инјекција од најмалку три милијарди евра во најбрз рок и визна либерализација со ЕУ, сепак, на крајот ќе мор да биде потврдено на Самитот на Европскиот совет закажан за 17. и 18. овој месец во Брисел.