
Грција и турција потпишаа договор за реадмисија на мигрантите што го преминале Егејското море. Договорот се заснова на потенцијалниот договор меѓу ЕУ и Анкара, со што ќе биде предвидена директна прераспределба на бегалците, пишува „Катимерини“.
Само неколку часа по завршувањето на 16-часовните маратонски преговори во Брисел, грчкиот премиер алексис Ципрас и неговиот турски колега Ахмет Давутоглу вчера се сретнаа во Измир каде потпишаа шест договори.
Можеби најзначаен меѓу нив е договорот за мигрантите кои не ги исполнуваат условите за меѓународна заштита да бидат вратени во Турција откако веќе пристигнале во Грција. Двете земји веќе имаа таков договор, но вчерашниот договор во голема мера го промени процесот, така што Грција сега ќе може да ги враќа мигрантите веднаш.
Тоа праќа јасна порака до мигрантите што доаѓаат од други земји, а не од земјите зафатени со војна дека нема политичка волја (за да им се дозволи премин) ниту можност да преминат во Европа, вели Давутоглу.
Договорот во Измир беше потпишан како резултат на турското барање во Брисел да го прифати враќањето на сите мигранти и бегалци што го преминале Егејското море за да стасаат во Грција, во замена за тоа што европските земји директно ќе ја вршат прераспределбата на азилобарателите од Турција.
Според Ципрас овој предлог бил мошне „занимлив“.
Лидерите од ЕУ повторно ќе се сретнат со турскиот премиер следната недела со цел да се финализира планот.