Собранието расправа за состојбите во образованието

Собранието на Република Македонија во рамките на денешната работа по дневниот ред на 92-та седница ја продолжи расправата по Информацијата за општите состојби во образованието и ефектите од екстерното тестирања во основното и средното образование, поднесена од пратениците од опозицијата.

За пратенците од опозицијата концептот за екстерно тестирање е целосно промашен поради што треба да се укине, а за нивните колеги од владеачките партии преку екстерното тестирање има подобрување во образованието и допрва ќе ги даде своите резултати.

Како што истакна Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ екстерното тестирање се користи во 30 развиени земји, од кои најблиски до нас се Словенија и Хрватска. Со него, како што рече, се сака да се стави крај на добивањето оценки без знаење.

– Инвестирајќи во децата и нивното образование, ние инвестираме во иднината на земјата. Придобивките од тоа ги чувствуваат сите. Концептот за екстерното тестирање можеби не е најдобар, во моментов се работи на негово подобрување, но целта е преку него да се подобри знаењето на учениците, рече Лашкоска.

Таа порача дека во измнатите неколку години се реновирани и направени повеќе нови основни и средни училишта и се изградени и опремени повеќе спортски сали.

Нејзиниот сопартиец Драган Данев рече дека денешната цел на опозицијата е само да има дебата заради дебата, бидејќи информацијата за образованието е несериозна и е напишана на нецели две страници.

Во реплика пратеникот Горан Сугарески од СДСМ рече дека концептот на екстерно тестирање е целосно промашен и додаде дека наместо да се прават објекти од „Скопје 2014“ требало да се реновираат студентските домови.

Пратеничката Биљана Настеска од истата партија во реплика, пак, посочи дека екстерното тестирање во странство има дијагностички пристап, а кај нас инспекциски.

Расправата ќе продолжи по редовната пладневна пауза.