Грчките власти ги преместуваат мигрантите од Пиреја

Три автобуси со 162 мигранти денеска заминаа од грчкото пристаниште Пиреја кон прифатниот камп во Коница, јави дописникот на МИА од Атина.

Според информациите на локалните власти, поголем број бегалци и мигранти во текот на денов ќе бидат преместени од пристаништето до други бегалски кампови.

Вчера од Пиреја беа преместени околу 700 бегалци и мигранти. Сепак повеќето од нив одбиваат да бидат однесени во привремени прифатни центри, тврдејќи дека примиле пораки од нивни пријатели кои исто така се бегалци, кои им ветиле дека ќе им помогнат да ги преминат границите.

Во Пиреја има најмалку три илјади бегалци и мигранти кои се сместени во чекалните за патници, во магацин и околу пристаништето.

Утрово пристигна уште еден ферибот со 658 бегалци и мигранти од Хиос и Митилена, а подоцна се очекува уште еден ферибот со 231 бегалец од Кос и Лерос.