
По повод Меѓународниот ден на Франкофонијата 20 Март, во Младинскиот културен центар под мотото „Франкофонијата ти отвора врати!“ денеска и утре ќе се одржуваат голем број на активности во рамки на манифестацијата „Денови на Франкофонијата во Македонија“.
Манифестацијата за отворена ја прогласија градоначалникот на Скопје Коце Трајановски и амбасадорката на Франција Лоранс Оер.
Република Македонија е полноправна земја-членка на Меѓународната организација на франкофонијата од 2006 година и ги поддржува и споделува францускиот јазик, култура и вредности. Во рамките на оваа организација Град Скопје негува пријателски односи со повеќе меѓународни франкофонски градови, мрежи на градови, асоцијации, здруженија и организации. Град Скопје е збратимен со француските градови Дижон и Рубе, со кои негува успешна соработка, рече Трајановски.
Амбасадорката Оер на отворањето на манифестацијата изјави дека франкофонијата во Македонија има долга традиција и се заблагодари на Град Скопје за поддршката на активностите на Француската амбасада и Францускиот институт во Скопје. Таа се осврна на застапеноста и развојот на франкофонијата во Република Македонија, каде настава на француски јазик се одвива во основни и средни училишта во повеќе општини, на работењето на билингвална паралелка во СУГС „Орце Николов“ и на континуираната соработка во областа на размена на ученици.
Во рамки на Деновите на франкофонијата во Македонија ќе се одржат голем број интерактивни работилници и забавни активности за средношколци и студенти. Во холот на МКЦ пред присутните се претставија франкофонските компании и оператори во Македонија имаше и предавање на тема „Франкофонијата и глобализацијата“.
Во МКЦ вечер од 20.30 чсот концерт ќе одржи групата „Фолтин“. Активностите утре ќе продолжат во ТЦ „Рамстор“, каде ќе се одржи Саем на франкофонски оператори во Македонија.