
Рангирањето на Македонија како земја со најниски даноци во светот од страна на „Бизнис инсајдер“, беше една од темите за кои што вечерва говореше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во дневникот на ТВ Сител.
Како што рече, Македонија има најниски даноци на планетата, според најрелевантни институции. Посочи дека тие извештаи се користат за време на владините роуд шоуа, на презентациите на Македонија како земја со одлична бизнис клима, на средби и состаноци.
Груевски меѓу другото најави и дека следниов период се очекува неколку странски компании да ја објават својата одлука за инвестирање во Македонија.
Ние постојано сме во контакт со огромен број на компании. Деновиве ќе биде најавена нова инвестиција на компанија од автомобилска индустрија. Станува збор за голема компанија која веќе инвестираше во Македонија и донесе интерна одлука да инвестира во Македонија. Информиран сум дека ќе се објави одлука за нивно инвестирање во втор капацитет. За почеток ќе отворат 400 работни места, а потоа за неколку години и до 1.000, рече Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ откри дека има голем интерес од инвеститорите за локацијата на поранешно ЕМО.
Таму има најмалку 3 заинтересирани компании од различни индустрии и држави. Се надевам наскоро ќе дојде до инвестиција во ЕМО. Има и повеќе странски компании, но тие ќе ја објават одлуката. Имаме софтверска компанија пред објавување на одлука за инвестирање, за почеток 200 вработувања главно ИТ инжинери, а потоа можеби дуплирање на оваа бројка, рече Груевски.
Тој вели дека како земја со политиката која ја прави оваа Влада имаме што да понудиме на инвеститорите. Најниските даноци на планетата се само еден од одличните услови за бизнис кои ги има Македонија.
Груевски вели дека освен што огромен број на компании беа привлечени да инвестираат во Македонија, беа охрабрени за инвестирање и домашните македонски компании.