Во изминатиот период целосно се обвоневи 12 центри за вработување на територијата на Република Македонија.
Заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, заедно со градоначалникот Емил Дончев денес извршија увид во реконструкцијата на Центарот за вработување и Центарот за социјални работи во општина Виница.
Пред неколку месеци, односно во октомври минатата година го означивме почетокот на градежните активности во овие две институции, а денес сме повторно во посета на истите и можеме да контстираме дека тие добиваат еден нов, современ изглед. Многу подобри и поквалитетни услови за работа на стручните служби, но и она што е најбитно, услови за прием на барањата на граѓаните, за остварување на нивните секојдневни потребни кои што ги имаат во овие две институции, рече Спасов.
Како што информира реновирањето и обновувањето на Центарот за вработување и на Центарот за социјални работи се дел од еден поголем проект кој што е финансиран преку Европската Унија, преку ИПА програмата, за кој што се обезбедени средства во износ од 2 милиони евра и преку кој целосно се обновуваат над 42 објекти ширум цела Република Македонија. Поточно 12 Центри за вработување, 12 дневни центри за деца со пречки во развојот и 18 Центри за социјална работа.
Можам да истакнам дека едната фаза од овој проект е целосно завршена, односно веќе се завршени градежните активности за реновирање на 12 Центри за вработување. Во средна фаза на реализација е останатиот дел од проектот, за реновирање на Центрите за социјална работа и на Детските центри, очекувам во наредниот период да заврши, рече Спасов.
Инаку Орце Христoвски од Центарот за вработување во Виница истакна дека невработеноста во општина Виница е меѓу најниските, со тоа што во овој момент има 739 активни баратели на работа и 17 пасивни баратели на работа.
Вработеноста континуирано се зголемува. Ако во 2006-тата имало вработени 3.661 лице, сега се вработени над 5. 200 лица на територијата на општината, рече тој и додаде дека намалувањето на невработеноста се должи пред се на активните владини мерки.
Инаку, во изминатиот период во соработка со локалната власт и Министерството за труд и социјална политика отворени се две градинки во рурални средини, во Трсино и во Истибања а, исто така отворен е и Дневен центар за стари лица во Истибања.