Проектот „Македонија вработува“ заклучно со денес има отворено над 16.000 работни места. За ова денес одговарајќи на новинарско прашање информира заменик – министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Како што посотчи тој, ако во текот на вчерашниот ден бројката стигна до 15.900, веќе денес е надмината бројката од 16.000 работни места, што, како што рече, е показател сам по себе за успешноста на овој голем проект на Владата на Република Македонија за отворање на нови работни места.
Карактеристично е што овој проект дава резултати и во помалите и во поголемите општини, во целата држава. Нема општина во Република Македонија која што не е опфатена со проектот „Македонија Вработува“, преку кој што се отворени работни места во сите општини во нашата држава, така и во пелагониско – прилепскиот регион. На пример во Прилеп има над 800 отворени работни места преку проектот „Македонија вработува“, во Ресен има 120 работни места и за еден мал град ова значи многу – 120 работни места се една фабрика во ваков град, рече Спасовски и потенцира дека и во Битола се отворени некаде 600 работни места со што се доаѓа до бројка од над 1.500 работни места само во овие три општини.
Тој потсети дека низ целата држава овој проект, започна на 15-ти април 2015-тата година, а ќе заврши на 15-ти април годинава.
Би сакал да ги поттикнам сите приватни компании да ги искористат можностите за да аплицираат, да ги искористат поволностите да помогнат во намалувањето на невработеноста во Република Македонија, рече тој.
Инаку, заменик министерот Спасов денес присуствуваше на отварање на Центар за ран детски развој во село Обршани во општина Кривогаштани.