Во изминатите 10 години во Македонија се отворени над 45 детски градинки и 27 центри за ран детски развој.
Заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов заедно со градоначалникот Тони Заткоски присуствуваше на отварање на Центар за ран детски развој во село Обршани во општината Кривогаштани.
Како што потенцира Спасов, ова е втора ваква инвестиција заедничка со општина Кривогаштани зо зголемување на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст.
Владата на Република Македонија со овој и со многу вакви проекти покажа грижа за секој дел од нашата држава, за секоја општина и за секое населено место. Одлика на Владата на Република Македонија изминатите 10 години се инвестициите и во урбаните средини, меѓутоа и во руралните населени места. Пример за тоа се и проектите на Министерството за труд и социјална политика. Изминатиов период во оваа рурална општина, во општина Кривогаштани беше отворено Дисперзирано одделение на Центарот за социјални работи и Канцеларија на Центарот за вработување. Ја отворивме исто така и првата детска градинка во 2014-тата година, а еве денес го отвораме и првиот центар за ран детски развој, рече Спасов.
Посочи дека со овој проект ќе влијае на зголемување на капацитетот за згрижување на деца од предучилишна возраст.
Центарот за ран детски равзој е одлична форма за згрижување на дечињата кои се во предучилишна возраст и е исто така одлична поддрпка на родителите за да ги остваруваат своите редовни работни обврски. Со зголемувањето на бројот на работни места во нашата држава се зголемува и потребата за проширување на капацитетите во детските градинки, за отворање на повеќе детски градинки и Центри за ран детски развој. Владата на Република Македонија во изминатите 10 години отвори над 45 детски градинки и исто така 27 центри за ран детски развој. Овој проект значи многу за жителите на ова населено место и верувам дека тука нема да застанеме. Веќе денес разговаравме за нов Центар за ран детски развој во уште едно населено место во оваа општина и понатаму ќе продолжиме со низа инвестиции да им помагаме на граѓаните на Република Македонија да имаат поквалитетен живот, рече Спасов.