
Пуштен е во употреба реконструираниот пат од клучката кај Велес до Кадрифаково во должина од 6,3 километри. Средствата – 1,3 милиони евра за овој проект се обезбедени од Владата на Македонија преку Европската банка за обнова и развој.
Како што информира вицепремиерот Владимир Пешевски, делницата, која е прва фаза од обновата на овој пат, сега комплетно е рехабилитирана и извршени се проширувања на постојниот коловоз од 6,4 на 7 метри во населените места Лозово и Сарамзалино. Патот низ населените места е целосно осветлен со нови електрични инсталации и обнова на сообраќајната сигнализација. Изведувач на работите е австриската фирма Штрабан АГ.
– Со реновирање на ова високофрекфентна делница од овој пат, отсега патувањето низ овие населени места ќе стане многу побезбедно, потенцира вицепремиерот Пешевски.
Инаку, според најавите од целосното реновирање на овој патен правец во вкупна должина од 25,9 километри, кој ќе се изведува во три фази, втората фаза како што најави вицепремиерот Пешевски, ќе започне во првата половина на април, годинава. Во втората фаза ќе се става трета лента во Лозово во должина од 8,9 километри. Делницата комплетно ќе се рехабилитира и ќе се извршат проширувања на постојниот коловоз од 6,4 на 11,1 метри, а ќе чини 5,8 милиони евра.
Третата фаза, која ќе започне во мај – јуни годинава, е на релација Лозово-Сарамзалино-Кадрифаково во должина од 10,7 километри. Делницата целосно ќе се рехабилитира и ќе се изврши проширување на постојниот коловоз од 6,4 на 11,1 метри.
Градоначалникот на Општина Лозово, Орце Цветковски во изјавата зе медиумите потенцира дека реновирањето на овој пат е многу значајна инвестиција на Владата, за нивната и останатите општини од Источна Македонија бидејќи патот е еден од најфрекфентните.
Тој потенцира дека со негова реконструкција благодарение на заложбите на Владата ќе се елиминираат црните точки на патот каде има чести сообраќајки и ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот.