Шведска воведува построги правила за прием на бегалци

Шведската Влада ги затегнува правилата за прием на бегалци, покажува вчера објавениот нацрт-закон, доставен од Кабинетот во Стокхолм до Парламентот.

Планирано е предложениот закон да стапи во сила на 20 јули и да важи за период од три години.

Нацрт-законот предвидува миграциските власти на Шведска да добијат право да им издаваат на бегалците дозвола за времено живеалиште во рок од три години, наместо досегашното постојано живеалиште.

Предвидено е и ограничување на правото за повлекување на роднините, како и построги одредби во однос на приходните на бегалците, кои сакаат во Шведска да дојдат со своите семејства.

Владата предлага во одредени случаи дозволата за престој да се продолжува и до 13 месеци, во рамки на кои бегалците ќе имаат право да добиваат социјална помош.

На мигранти до 25 годишна возраст ќе им биде дозволено постојано живеалиште, само доколку имаат приходи или завршено средно образование.

Во одредени случаи се дозволува можност за спојување на семејствата и дозвола за постојано живеалиште на децата.

Според шведскиот министер за правда и миграција Морган Јохансон, предложените промени се неопходни за да се избегне потпаѓање на системот за прием на бегалци во целосна криза.

– Во моментов примаме 500 до 600 мигранти неделно и тоа е нивото со кое можеме да се справиме, рече тој. Во текот на есента минатата година пристигнуваа до десет илјади бегалци неделно.

Шведска, која има 9,8 милиони жители, лани прими 163 илјади бегалци, а прогнозата за оваа година е до 140 илјади.