Пропагандни онлајн сајтови кои лажно се претставуваат како информативни го преплавија Интернетот во последните неколку месеци и голем дел од нив потекнуваат од Македонија, пишува американскиот весник Егзаминер.
Според весникот, овие пропагандни сајтови се наводно дизајнирани за да ги насочат неопределените гласачи во САД кон претседателскиот кандидат Доналд Трамп, додека го клеветат неговиот сериозен опонент Тед Круз.
Притоа, анализа изготвена од Џон Даниелс, главен и одговорен уредник на Tavernkeepers.com утврдила дека следниве сајтови кои прават пропаганда во корист на Трамп во последните неколку месеци, потекнуваат од Македонија, поконкретно од Велес. Весникот наведува дека со користење на веб-сајтот на ICANN WHOIS, може да се утврди регистраторот, датумот на издавање и локацијата на овие веб-сајтови:
– Usanewsflash.com
– 365usanews.com
– worldnewspolitics.com
– Usapoliticsonline.com
– worldpoliticus.com
– USAdailypolitics.com
„Нетпрес“ стапи во контак со еден од сопствениците на посочените домеин адреси. Изненаден зошто неговиот сајт е споменат во статијата на Егзаминер, тој појасни дека всушност, како и многу во Македонија, работи на сопствен портал на кој преведува вести од американски медиуми, ставајќи активен линк до изворот од каде што ја презема веста. На тој начин заработува од кликови од пребарувачот Гугл, на што плаќа 10 отсто персонален данок.
Исто така, не му беше јасно зошто сопствениците на другите споменати портали се сите од Велес, но како што вели станува збор за портали кои работат на истиот принип, заработуваат од кликови на Гугл, преведуваат вести и ставаат активни линкови до изворот. Појасни дека изнендувачки е тоа што се наведуваат како пропагандистички портали за фаворизирање на Трамп, кога тој најмалку се споменувал во нивните текстови.
Зачуден за негативната конотација во која е споменат неговиот сајт во Егзаминер, тој вели дека нема ништо нелегално во тоа што го работи и посочува дека неговиот портал не пишува само за Трамп, туку ја следи американската политика, а како извори ги земаат светските новински агенции.