Воспоставена е соработка помеѓу Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ и кинескиот Универзитет „Џиаотонг“.
Денес, ректорот на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – проф. Нинослав Марина и претседателот на кинескиот Универзитет „Џиаотонг“ – проф. Јанг Зиџианг потпишаа договор за соработка помеѓу двете институции.
Соработката предвидува размена на академски кадар и студенти, доделување на кинески стипендии за престој на професори и студенти од Универзитетот „Св. Апостол Павле“ на Универзитетот „Џиаотонг“ и отворање на Центар за промоција на кинеската наука и култура во рамките на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ со финансиска поддршка од кинескиот партнер.
Високо ја вреднуваме воспоставената соработка со Универзитетот „Џиаотонг“, очекуваме резултати во насока на стимулирање на истражувачката работа и реализација на други активности кон унапредување на наставните содржини и иновациите на Универзитетот „Св. Апостол Павле“, изјави по потпишувањето на договорот ректорот на Универзитетот „Св. Апостол Павле“, проф. Нинослав Марина.
Ректорот Нинослав Марина и проректорот Иван Бимбиловски во текот на неколкудневниот престој на Универзитетот „Џиаотонг“ посетија и се запознаа со работата на повеќе факултети и истражувачки центри во рамките на универзитетот меѓу кои: Факултетот за автоматика, Лабораторијата за опто-електронска технологија, Центарот за настава преку компјутерски симулации и Меѓународниот институт за образование.
Покрај активностите во рамките на универзитетот, ректорот Марина оствари средба со заменикот генерален директор на канцеларијата за меѓународна соработка на владата на провинцијата Гансу – Џанг Баоџун. На средбата се зборуваше за можностите за соработка помеѓу провинцијата Гансу и соодветни институции од Република Македонија во областа на технологиите културата и туризмот.