Економијата во фокусот на средбата меѓу Попоски и Лајчак

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денес, оствари еднодневна официјална посета на Словачката Република, на покана на словачкиот заменик премиер и министер за надворешни и европски работи, Мирослав Лајчак.

Посетата на МНР Попоски на Словачка кореспондира со одбележувањето на 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Република Македонија и Словачката Републикa- период во кој континуирано се негува пријателска и партнерска соработка, стабилен политички дијалог и силни културни врски.
Во оваа насока, министрите Попоски и Лајчак се осврнаа на можностите за натамошно унапредување на односите и соработката меѓу Македонија и Словачка со посебен фокус на економската соработка. Се разговараше и за перспективите на Република Македонија за членство во Европската Унија и НАТО како и за состојбите во Регионот а разменија и мислења за најважните меѓународни прашања.

После средбата следеше заедничка прес конференција, на која Министерот Лајчак давајќи поддршка на Македонија во евроинтегративните процеси, изјави дека земјата во своите напори за интегрирање во ЕУ, доби пет препораки од Европската комисија за започнување на преговорите, констатираше дека Европскиот Совет сеуште не ги валидираше тие препораки и веќе тоa претставува своевиден предизвик кој треба да се надмине. Лајчак потенцираше дека на билатерален план треба да се интензивира економската соработка со конкретни проекти кои се на повидок.

Поддршката на Словачка за членство на Македонија во НАТО и ЕУ е од големо значење, изјави Попоски. Исто така, “Македонија гледа на Вишеградската група како на еден успешен пример за соработка, кој би требало да послужи како модел за соработка и во нашиот регион со цел надминување на предрасудите”, истакна министерот Попоски додавајќи: со или без блокадата на јужниот сосед, Р. Македонија ќе продолжи да работи на реформскиот курс за доброто на своите граѓани.

Попоски имаше предавање во Словачкото здружение за надворешна политика, на тема “Република Македонија на патот кон ЕУ“, каде што, меѓудругото, посочи дека образованието е клучно за надминување на негативните перцепции и подобра интеграција на заедниците.

Во рамки на посетата, Министерот Попоски даде и интервју за угледниот словачки дневен весник “Правда“.