Груевски упати честитка по повод празникот Песах

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски денес по повод празникот Песах упати честитка до Претседателката на Еврејската заедница во Република Македонија, Берта Романо – Николиќ.

Интегрален текст од честитката:

Ми претставува особена чест и задоволство, Вам и на припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија, во име на ВМРО-ДПМНЕ и свое лично име, да Ви го честитам големиот празник ПЕСАХ и искрено да Ви посакам празнични денови исполнети со добро здравје, семејна среќа, молитва и душевен спокој.

ПЕСАХ, празникот за поклонение и слава на слободата на еврејскиот народ претставува пример за милениумската еврејска традиција која од поколение на поколение се пренесува во секое еврејско семејство, славејќи ги историското минато на еврејскиот народ, силната верба во Бога, огромното значење на семејството и взаемното почитување. Токму взаемното почитување ги карактеризира и односите помеѓу македонскиот и еврејскиот народ кои се симбол на повеќегодишното пријателство помеѓу Република Македонија и Државата Израел, а за кои значаен придонес имаат и сите наши сограѓани, припадници на  еврејската заедница во Република Македонија.

За нашето пријателство говорат големиот број на проекти што ги реализиравме изминативе години, кои се директно насочени кон постојано  негување на споменот на Евреите и заштита на еврејската култура и традиции во Македонија. Доказ за нашата заедничка посветеност за продлабочување на нашата соработка е и Декларацијата за пријателство меѓу Република Македонија и Државата Израел која ја потпишавме минатата година. Со оваа декларација дополнително ги зацврстуваме билатералните односи меѓу нашите земји и народи, отворајќи врата за продлабочување и интензивирање на нашата соработка во поголем број на области од взаемен интерес.

Честитајќи Ви го уште еднаш големиот празник ПЕСАХ, примете ги моите желби за мир, благосостојба и лична и семејна хармонија.