„Дневник“: Амбасадорски лекции за македонските судии и обвинители

На прес-конференциите на специјалното јавно обвинителство на Kатица Јанева во недостиг од посилни аргументи почнаа да присуствуваат и странски амбасадори, кои веројатно имаат цел да го компензираат недостигот од самодовербата во аргументите на ова обвинителство, а честопати имале и консултации за време на обработката на одредени предмети, пишува Дневник.мк.

Според медиумите, меѓународни претставници почнале да бидат дел и од судските процедури додека се постапувало точно по случаите иницирани од Заев. Најново е што во последно време судии се повикуваат во некои странски амбасади и им се врши притисок како да судат и да даваат притвори и други истраги по барање на СЈО.

Ова е изјавата на Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, кој викендов ја коментира работата на Јанева и на специјалното обвинителство. Милошоски е втор функционер што предупредува на директно странско мешање во работата на судовите токму за предметите на незаконско прислушување што ги води оваа обвинителка. Претходно тоа го стори и претседателот Иванов, кој предупреди дека странски дипломати се шетале во судовите, но и ѕвонеле на телефони за да извршат конкретен притисок, пишува Дневник.

Поддршки и лобирање

Дипломатите вклучени во разрешницата на политичката криза и нивните амбасади (најмногу олицетворени во Џес Бејли, амбасадорот на САД, и претставниците на ЕУ, почнувајќи од евроамбасадорот Аиво Орав, па преку тројцата европратеници задолжени за Македонија – Ричард Ховит, Едбард Kукан и Иво Вајгл, па с` до еврокомесарот Јоханес Хан, но и амбасадорите на Велика Британија, Германија и Италија) не само што не се оградуваат од ваквите изјави или да демантираат дека имаат некакво влијание врз судската власт туку често и јавно коментираат за тоа какви одлуки треба да носи македонската судска власт.

За поддршката и лобирањето за Јанева и покрај професионалните промашувања во нејзината работа, не треба ни да се споменува. Речиси секојдневно има по некое соопштение или изјава со која на сите им се делат лекции како треба да се поддржува СЈО безусловно и неограничено.

Еве што досега како директно странско мешање во судската работа е забележано:

Како што пишува весникот,  прво, веднаш откако ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и градоначалникот на Пустец беа на сослушување во ОС Скопје 1 по повод случајот „Титаник“, се прошири веста дека во судот, откако не беше одреден притвор за нив како осомничени, се појавиле високи претставници на американската амбасада, меѓу кои и политичкиот советник на Бејли. Тие, според некои информации, имале и средба со првиот човек на судот, Владимир Панчевски. Нивата задача, според изворите, била да му дадат поддршка на СЈО во намерите да се одреди притвор за осомничените, односно да се преиначи одлуката на судот, оној за кој сега Бејли вели дека треба да се остави на мир. Американската амбасада тогаш ни тврдеше дека се работело за состанок поради соработка на судот со амбасадата за јакнење на капацитетите на оваа судска институција и дека слични средби имало и со Јавното обвинителство на РМ, со Академијата на судии и јавни обвинители и со СЈО.

Второ, дека имало посети од странци во судот во насока на притисок врз работата, ја потврди токму Панчевски во текот на февруари.

– Значи, по една таква спектакуларна прес-конференција на специјалното обвинителство, можам да кажам и дека дента примив неколку луѓе кај мене, беа и претставници на странски делегации на Р. Македонија. Исто така, беше и еден јавен обвинител кој постапуваше по предметот уште пред да биде поднесен во судот така што мислам дека моето место беше таму кај што бев. А не знам што било нивното место таму така што нив ќе ги прашате подетално за тоа – рече тогаш Панчевски.

Трето, Kатица Јанева тајно, полутајно и јавно се сретнуваше со дипломати на кои им реферира за својата работа. Според веб-страницата на СЈО, две посети на странски дипломати кои ја „проверуваа“ работата на Јанева се и официјално најавени – онаа од средината на јануари со Ховит, Вајгел и Kукан, како и онаа од почетокот на март со заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт департмент, Брајант Хојт Ји. „Во извештајниот период реализирана е соработка со меѓународни институции, остварени се средби со високи претставници на меѓународните фактори и безрезервно од сите е дадена поддршка на работата на ова јавно обвинителство“, стои во шестмесечниот извештај на Јанева, пишува Дневник.