Публиката и изведувачите во совршена џез-синергија

Тони Китановски трио, поддржан од гостите Кубанецот Оскар Салас и Американецот Дејв Вилсон викендов во Битола, со добро познат манир на искусни мајстори на џез звукот, го отворија првиот „Porta Jazz Festival”.

Претходно фестивалот го прогласи за отворен иконата на џез сцената во Македонија Оливер Белопета, кој беше почесен гостин на манифестацијата.

„На Битола и се потребни и заслужува многу нешта. Особено и е потребен еден ваков џез фестивал“, рече Белопета.

Во знак на признание на неговите лични заслуги за промоција на џез музиката во Македонија, главниот партнер на фестивалот,“Божиновски часовници” му додели на Белопета лимитирано издание на специјално дизајниран часовник “Generation 27”, врзан за бројот 27 или т.н “Gateway to Heaven”, на швајцарската компанија “Своч” (Swatch),  а посветен на елитниот клуб вонсериски музички изведувачи и урбани легенди Brian Jones, Jimi Hendrix, Janis Joplin, Jim Morrison, Kurt Cobain и Amy Winehouse.

„Уште една важна и силна симболика што сакаме да ја одбележиме на првиот „Porta Jazz Festival”е фактот дека годинава се одбележува 27- годишнината од постоењето на European Jazz Network, чиј член на бордот на директори е токму почитуваниот Оливер Белопета“,рече Игор Божиновски.

Фестивалот  кој трае три дена и завршува денеска,  на едно место ги собра врвните имиња на македонската и пошироката џез сцена. На тридневниот фестивал, битолската публика може да ги види и чуе  Тони Китановски трио, Алек Секуловски, Сашо Поповски, Оливер Јосифовски,”Sethstad”, “Jazzobell Quintet”, Кубанецот Оскар Салас и Американецот Дејв Вилсон.

„Џезот има децениски корени во Битола и ќе направиме се таа субкултура да прерасне во нешто трајно, традиционално и високо вреднувано и од изведувачите и од публиката. Идејата за ваков фестивал повеќе од 10 години полека и долго ферментираше во нашите мисли, и конечно се искристализира како проект кој ќе ја обедини македонската џез сцена и ќе и приреди на публиката незаборавно музичко и естетско задоволство“,рече организаторот на фестивалот Влатко Христовски Дадо.

Покрај музичките настапи пред публиката, програмата на фестивалот ќе вклучува џез работилници и проекција на документарен филм за џез иконата Мајлс Дејвис.

Локацијата на настанот во Битола е култниот клуб  „Porta Jazz“ ,препознатлив како деценско урбано уточиште на добриот звук и трајните културни вредности.

Покрај домашната публика, интерес за фестивалот покажаа и гости од соседна Грција.