
До крајот на 2016 година бројот на компании што штедат енергија да се зголеми, но да се зголемат и реалните заштеди во фирмите, е целта на проектот „Поттикнување на пазарната трансформација за енергетска ефикасност во индустријата и забрзување на инвестициите во најдобри практики и технологии“.
Како што беше речено на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, со проектот се опфатени 13 компании, приватни, државни и една комунално-општинска. Сите тие поминаа три модули на обука, а вкупно четири веќе покажуваат заштеда од два до пет проценти без какви било пообемни инвестициски вложувања, преку мерки за оптимизација и подобрено одржување и контрола на работењето.
– Со проектот сакаме и на поголемите компании кои водат сметка за енергетската ефикасност, да им укажеме на поинакви начини, со нова методологија, да го подобрат работењето, да се ослободат од технолошкото слепило и да се насочат кон алтернативните начини на штедење, истакна Ана Петровска од Регионалниот центар за животна средина и координатор на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ) кој го финансира проектот со 1,4 милиони американски долари.
Проектот, како што информира Петровска, почна во мај 2015 и ќе трае до август 2018, а има три компоненти. Првата се однесува на јакнење на политиките и законодавството за енергетската ефикасност во индустријата, вториот предвидува поддршка на пазарот за примена на најдобри практики и технологии за енергетска ефикасност и еколошка одржливост на индустриските компании, додека третиот влијае на стапката на инвестиции во технологии за енергетска ефикасност.
Проектот е поддржан од министерствата за животна средина и за економија, Агенцијата за енергетика, Регионалниот центар за животна средина, УСАИД и Македонската банка за поддршка на развојот. Го спроведува УНИДО кој воедно финансиски учествува со 5,9 милиони долари.
Според Петровска, не е исклучено да се реализира уште еден проектен циклус, зависно од интересот на компаниите, но и од претприемачкиот дух на обучените консултанти. Доколку тоа се реализира, опфатени ќе бидат уште 13 компании.
Заштедите на енергија и генерално енергетската ефикасност во индустријата, подвлече Петровска, не подразбира само зголемување на конкурентноста, туку значи и отворање нови работни места.