Документи за спасените Евреи од Македонија претставени во Вашингтон

Изложба на документацијата за спасувањето на дел од еврејските семејства од Македонија во Втората светска војна беше претставена во Вашингтон, на средби со претставници на Конгресот и на еврејските здруженија. Изложбата, заеднички подготвена од Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите во Македонија, Националниот институт за историја и Институтот за културно наследство на Албанците во Македонија прикажува како мал дел од припадниците на еврејската заедница во Македонија успеале да се префрлат во Албанија и да се спасат од депортациите во логорите на смртта.
– Се знае дека денешната територија на Македонија тогаш била под бугарска фашистичка власт  и тогаш беа депортирани и ликвидирани 98 проценти од еврејската популација на овие територии, посебно од градовите Скопје, Штип и Битола. Тие што се спасиле, околу 2 проценти, но не само тие имало и Евреи од другите земји, коишто поминуваме низ Македонија и се спасиле во Албанија. Досега не сме знаеле за ова. Кога истражуваме во државниот архив на Албанија дознавме за дополнителните луѓе коишто се спасиле низ Македонија во Албанија, изјави за МРТ Скендер Хасани од Институтот за културно наследство на Албанците во Македонија, пренесува МИА.
Според Александар Манојловски, од Националниот институт за историја, изложените документи сведочат и за заедничкиот живот на разните етнички групи во Македонија за време на војната.
– Се обидуваме воедно да го претставиме и соживотот меѓу населението во Македонија, помеѓу Албанците, Евреите и Македонците, односно периодот кога Евреите за време на окупацијата, дел од нив се спасуваат  и успеваат да преминат во Албанија. За таа цел директорот на Институтот за Културно Наследство на Албанците  заедно со еден тим заминаа во Албанија и истражуваа во тамошниот државен архив, донесоа огромна документација и врз основа на неа, покрепена со документи од Државниот архив на Република Македонија и од документацијата што ја поседува Еврејската заедница во Македонија, ја направивме оваа изложба, вели Манојловски.
Маја Суша од Меморијалниот центар додава дека ова е прв пат собраните материјали да бидат изложени надвор од Македонија, во Вашингтон и во Македонскиот Културен Центар во Њујорк.