Министерот за здравство, Никола Тодоров денеска на прес-конференција изјави дека во текот на овој месец се дефинирани за 12% повеќе термини за прегледи/снимања во системот „МојТермин“ во споредба со истиот месец лани.
-Во мај 2015. година во системот се евидентирани вкупно 380,784 термини, додека во мај 2016 година – 425,979 термини, информира Тодоров.
Процентуално најголемо зголемување на термини има кај специјалностите радиотерапиј, рентген снимања, компјутерска томографија, услуги од специјалностите за ревматологија, хематологија, пулмологија и респираторна алергологија и кабинетите за дијабет.
–За сите овие здравствени услуги, термините се зголемиле за 50% или повеќе во споредба со истиот период минатата година. Ова е многу значајно за пациентите имајќи предвид дека станува збор за прегледи кои се релативно чести. На пример: за компјутерска томографија во мај 2015 година биле дефинирани 3.430 термини, додека за мај 2016 година вкупниот број на дефинирани термини изнесува 5.154, рече Тодоров.
Инаку, на ниво на јавна здравствена установа, најмногу се зголемиле термините во ЈЗУ УК за Радиотерапија и онкологија за 174%, ЈЗУ УК за Радиологија за 127%, ЈЗУ УК за Максилофацијална хирургија за 124%, ЈЗУ УК за Пулмологија и Алергологија за 78% и ЗД Скопје – Поликлиника Драчево за 72%.
–Континуираното зголемување на бројот на термини во системот МојТермин резултира со зголемен број на прегледани пациенти и пружени здравствени услуги. Во месец април 2016 година бројот на прегледани пациенти е за 16% поголем во споредба со истиот период минатата година. Јавни здравствени установи во кои најмногу се зголемил бројот на прегледани пациенти во однос на април 2015 година се следните: Универзитетска клиника за државна кардиохирургија, Здравствен дом Битола, Универзитетска клиника за Хематологија, Универзитетска клиника за Радиологија, Специјална болница по Гинекологија и акушерство Чаир и Универзитетска клиника за Пулмологија и Алергологија, рече Тодоров.
Кај сите овие установи бројот на прегледани пациенти во месец април 2016 се зголемил за најмалку 55% во споредба со април 2015.