
Во Ист Вилиџ на Менхетен падна првата клапа на „Бикини“, петтиот игран филм на Милчо Манчевски што се снима во Њујорк. Снимањето продолжува во Вилијамсбург, на повеќе локации низ Њујорк како и во едно студио во Бруклин.
– Ми се чини дека нема поприродно чувство од тоа да снимаш во Њујорк, изјави Манчевски, кој е сценарист и режисер на филмот.
„Бикини“ ќе се снима до средината на јуни, а ќе биде завршен до крајот на годината.Филмот е копродукција меѓу САД, Германија и Канада, а продуценти се „Цар филмс“ и „Милкмен продакшн“.
Новиот филм на Манчевски е за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена-маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм, додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка.
Во насловната улога настапува Кондола Рашад, позната од новата ТВ-серија во САД „Милијарди“ и од бродвејската верзија на Шекспировата „Ромео и Јулија“ со Орландо Блум. Рашад е ќерка на позната глумица Фелиша Рашад, која се прослави со серијата „Козби шоу“. Другите главни улоги Манчевски им ги додели на актерите во подем Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.
Директор на фотографија е младиот њујоршки „вундеркинд“ Џошуа Вајнстин, а продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Лондон, кој соработува со Манчевски на сите негови филмови.
„Бикини“ е прв долгометражен филм на Манчевски во САД по епизодата на серијата „Прислушкувачи“ (The Wire), која тој ја режираше за „Ејч-Би-О“ во 2002 година. По студиите во САД, Манчевски живее во Њујорк од 1985 година, каде е неговото професионално формирање и каде освои награда на музичката телевизија Ем-Ти-Ви за спотот „Тенеси“, потоа прогласен за еден од 100-те најдобри во историјата.
– „Бикини“, како и моите досегашни филмови зборува за природата на вистината, лагата и илузијата. Филмот ќе го има мирисот на Њујорк, се снима на повеќе локации во градот кој ми е втор дом и многу го сакам. Имаме извонредно талентирана екипа, и актерска и филмска. На овој филм се изборив за апсолутна креативна слобода, без мешање од финансиери, продуценти или политичари, со целосна доверба и хармонична соработка. Ова е еден од ретките американски филмови каде што авторот има право на фајнал кат (право на финална верзија), изјави Манчевски претходно за „Бикини“.
„Бикини“ е првиот филм на Манчевски во кој не учествува Македонија.
Манчевски сними четири филма во Македонија како европски копродукции, финансирани од владите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Бугарија и Еуримаж. Македонија во овие филмови учествуваше со една петтина од целокупните буџети.
Неговите македонски филмови „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“ ја презентираа македонската култура на сите шест континенти, со комерцијална дистрибуција во над 50 земји, проекции на над 200 фестивали и над 40 меѓународни награди, меѓу кои и „Златниот лав“ во Венеција и номинација за Оскар.
Манчевски предава филмска режија на постдипломските студии во Њујорк.