Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот во соработка со Амбасадата на Република Македонија во Република Србија и градот Охрид, го претставија туристичкиот потенцијал на Република Македонија на саемот за туризам во Белград, Србија кој се одржа од 27-ми февруари до втори март.
На саемот за туризам во Белград се оддржа прес конференција и презентација на туристичките можности на Македонија, која ја отвори добро познатион актер од Србија, Иван Бекјарев.
Обраќање имаа Амбасадорката на Република Македонија во Србија,Вера Јовановска – Типко, Директорот на АППТ, Кристијан Џамбазовски, Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески и Директорката на туристичката организација на Србија, Гордана Пламенац. Убавините на Република Македонија пред Српската публика ги претстави Маја Глигоровска, лице за односи со јавност на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.
“Македонија и сонцето, тоа е симбиоза која се чувствува, тоа е синергија која се гледа во златните житни полиња, преку вкусот на храна, во бојата на преубавите планини, во Охридските бисери, во сјајот на црковните икони, во оригиналниот такт на музиката, во топлината на луѓето а можеби најмногу во нектарот на вистината – Македонското вино. Во секоја негова капка се чувствува вкусот на сонцето. Она сонце кое вечно ја грее една од најстарите опсерватории – Кокино, античките градови Стоби и Хераклеја, средновековната Самоилова тврдина, древниот Охрид, византиските цркви и отоманските градби.”, изјави Амбасадорката на Република Македонија во Република Србија.
Директорката на туристичката организација на Србија порача Македонија и Србија да се здружат во организирањето на кружните тури и претставувањето на туристичкиот потенцијал пред трети пазари.
“Македонија и Србија како две соседни земји имаат многу заеднички работи. Една од нив е туризмот, односно туристичката размена. Според официјалните податоци, бројот на странски туристи кои ја посетиле Македонија се зголемил за 15%. Бројот на Српски државјани кои дошле во Македонија во 2013 година е пак зголемен за извонредни 11% од 2012 година“,изјави директорот Кристијан Џамбазовски.
На прес-конференцијата присутна беше и принцезата Јелисавета Караѓорѓевиќ, огромен број на медиуми и повеќе од двесте гости.
За време на 36-тиот меѓународен саем за туризам во Белград, Амбасадата на Република Македонија во Србија, АППТ и град Охрид организираа и ”Македононска вечер” на која дојдоа скоро 30-тина странски амбасадори, политичари и дел од бизнис елитата на Србија . Гостите ги забавуваа Сузана Спасовска заедно со Танец, а присутни беа и Даниел Кајмаковски, Жељко Самарџиќ и огромен број на медиуми.