Кривична пријава е поднесена против дваесет и четиригодишната стружанка Јована М., која се сомничи за сторено кривично дело „Оштетување туѓи предмети“.
Пријавената, на 30-ти минатиот месец, извршила оштетување на спомен куќата на македонскиот револуционер Христо Узунов лоцирана на улицата „Коста Абраш“ во Охрид, што претставува македонско културно наследство и културно-историски споменик заштитен со закон од 1950 година. Дел од охридските портали уште тогаш објавија дека обезбедувањето на Завод и музеј на Град Охридзатекнало десет лица како ја вандализираат куќата во која е роден војводата Христо Узунов, која е музеј посветен на војводата и револуционерната дејност и е објект заштитен со Закон.
-Чуварот на лице место ја затекнал Јована М. ( 24 ) од Струга која на куќата со спреј пишувала политички графити, а со неа биле уште десет други лица од Скопје и други градови на Македонија, сите активисти на Протестирам, објави тогаш порталот ohrid1.com.
Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски во соопштение испратено денеска до медиумите информира дека настанот се случил околу 01 часот, кога пријавената без повод и причина, со спреј испишала недоличен и навредлив графит, по што се обидела да избега од местото. Испишувањето го забележал овластен работник за обезбедување кој ја повикал пријавената во службените простории.
СВР Охрид, во консултација и насоки од Јавниот обвинител, ги презеде сите мерки за целосно документирање и расветлување на казнено правниот настан. Извршен е разговор со пријавената а на лице место, спроведен е криминалистичко-технички увид, одземање на спрејот со кој е извршено оштетувањето на спомен куќата, а потоа и вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје., велат од СВР Охрид.