„Балкан енерџи груп“ достави барање до Регулаторната комисија за енергетика да се продолжи времетраењето на парното греење на сите што во Скопје се топлат преку оваа компанија за дополнителни два часа. Според постојниот Правилник за испорака на топлинската енергија, обврска на компанијата е да испорачува топлинска енергија од шест до 21 часот. Неофицијално се дознава дека топлите радијатори и во доцните вечерни часови би ги зголемиле сметките за парно за 100 до 200 денари, пренесува „Дневник“.
Пролетоска компанијата имаше пилот-проект во кој ја испитуваше можноста за продолжено греење, а што беше врзано и за работењето на комбинираната гасна електрана „ТЕ-ТО“, односно производството на струја со кое како нуспроизвод се добива топлинска енергија. Електраната повторно почна со работа минатиот месец со што и делови од главниот град почнаа да имаат парно до доцните вечерни часови.
„Проектот се реализира во делот на Скопје приклучен на Топланата „Исток“, поточно во населбите Аеродром, Кисела Вода, Лисиче и дел од Центар. Реакциите од нашите потрошувачи во однос на изменетиот и подобрен режим на испорака на топлина се искучително позитивни и претставуваат основа за преземање нови чекори во насока на понатамошно подобрување на квалитетот на услугите што ги нудиме“, соопштија од компанијата.
Целта на продолженото греење, како што објаснуваат оттаму е истовремен старт на испорака на топлина наутро, преку ноќно прегревање на топловодната мрежа со што сите корисници ќе добијат еднаков квалитет на топлина во исто време, без разлика на кој дел од мрежата се лоцирани и испорака на топлина до корисниците за дополнителни 2 часа навечер. Продолженото време на греење кое сега го добиваат делови од Скопје нема да биде наплатено.
Во Регулаторната комисија за енергетика велат дека пилот-проектот е се’ уште во примена и кога ќе има доволно показатели за него, РКЕ ќе направи анализа и ќе постапи во согласност со деловникот за работа.
„Ако има продолжена испорака или зголемени температури во воздухот во станбените простории, ќе има и зголемени трошоци за испорачаната топлинска енергија. Анализите покажуваат дека ако температурата на воздухот се зголеми за 1 Целзиусов степен, трошоците за испорачаната топлинска енергија се зголемуваат за пет до шест отсто“, информираат од РКЕ, за „Дневник“.
Дистрибуцијата на топлина има обврска да откупува топлинска енергија од регулиран и од нерегулиран производител на топлина. Како што информираат од РКЕ, уделот на произведена и испорачана топлинска енергија од ТЕ-ТО како нерегулиран производител лани била 24 отсто, а за годинава се планира да биде 28 отсто.
Регулаторната, според новите правила, на 15 секој месец врши контрола на цената, односно проверка на влијанието на влезните трошоци. Во новата пресметка новина ќе биде повисоката цена на чинење на енергијата набавена од гасната електрана. Имено, „БЕГ дистрибуција на топлина“ до Регулаторната има доставено нов договор за откуп на топлина за наредната сезона од ТЕ-ТО по цени повисоки отколку досега. Откупената топлинска енергија од гасната електрана досега имаше за 5 отсто пониска цена од онаа по која се произведува топлина во постојните топлани, а сега во новиот договор таа разлика е за само 0,7 отсто.
„Ние како РКЕ немаме влијание во склучувањето на договорите за откуп на топлината. Законското решение вели дека мора да ја откупи топлината од нерегулираните производители и истата мора да биде со цена пониска од онаа при производство во топланите. Тоа е испочитувано, но ние не сме задоволни од овој договор. За очекување е ако ТЕ-ТО работи и произведува електрична енергија, оваа топлинска енергија да биде продадена на дистрибутерот на топлина со поголем процент поевтино“, вели претседателот на РКЕ, Димитар Петров, за „Дневник“.
Тој додава дека следната година се очекува, со оглед на цените предвидени за откуп на гасот и по однос на температурите, да нема зголемување на цената на парното, односно дека се правилно предвидени трошоците што имаат најголемо влијание во цената, а тоа се горивата.