Пензиониран полицаец кој лекувал во својот подрум е осуден на тригодишна затворска казна откако пациентот кој го лекувал починал.
Надрилекарот, 71-годишниот Благоја Ангелевски, викан „Мајка“ од Кавадарци доби три години затвор за лекување пациент кој подоцна починал, пишува Утрински.
Тој е обвинет за кривичното дело тешки дела против здравјето на луѓето и прогласен за виновен.
Како што пишува весникот „Мајка“ третманите ги изведувал во подрум адаптиран за лекување, а во медиумите каде се рекламирал потенцирал дека лекува тумор, рак на кожа.
Според обвинението, во октомври и ноември 2011 година Ангелевски го лекувал Л. Н. (79) од скопско Волково при што во два наврата земал вкупно 500 евра. Починатиот имал бемка на десна надлактица, што било малиген меланом кој поради третманот започнал да се шири и потоа метастазирал. Тоа придонело за забрзување на болеста и на крајот до смрт. Надрилекарот „Мајка“ работел со една единствена пинцета за сите пациенти, која ја стерилизирал со алкохол, а раната ја бришел со тоалетна хартија.
Но, пред судот Ангелевски ги отфрли сите обвинувања.
„Пациентите сами доаѓаа, јас не ги викав. Јас од око констатирам дали е рак на кожата, бидејќи имам големо искуство. Сите ги лечам со иста течност, распознавам што е бемка, што брадавица, а што рак. Ова што го работам е за пофалба, а не за да се црвенеам. Не се согласувам дека не можам да лекувам зашто немам соодветно образование. Јас сум пензиониран полицаец, колку луѓе имам спасено од сообраќајки, тепачки, ако не сум доктор, сум спасил животи. Со оваа работа се бавам 47 години и имам искуство. Не е точно дека ми дале два пати по 250 евра. Никогаш не сум побарал, може ми дале по 250 денари. Ако така ме наградуваа сите што им помогнав, ќе бев најбогатиот човек. Кај мене дошле голем број доктори по медицина. На сите сум им помогнал. За мене знаат и во Кина и од таму сум имал пациенти. Наместо да ме прогласите за јунак, вие сакате да ме испратите во затвор“, рече во својата одбрана Благоја пренесе „Утрински“.
Сопругата на починатиот В. Н. сведочеше дека го виделе обвинетиот на некоја телевизија како се фали дека лекува.
„Работеше во подрум, околу него имаше зимница, дрва за огрев и една полица прекриена со бел чаршаф. Кога сопругот му кажа што проблем има, со метална пинцета му ја отстрани кората од бемката и ја премачка со темна течност и кажа да не ја мие три дена со вода. Откако немаше промени отидовме по еден месец, рече дека коренот не го отстранил и пак ја отстрани кората и ја премачка. По неколку месеци започнаа проблемите на сопругот, бемката започна да крвави. Кога отидовме на лекар констатира дека ракот метастазирал и по година и пол сопругот почина“, рече сопругата на починатиот, потенцирајќу дека криеле од нивните деца дека татко им се лекува на овој начин, оти ќерката им била докторка.
Пред судот сведочел и д-р Горан Павловски кој истакнал дека по интервенцијата на обвинетиот дошло до влошување на здравјето на пациентот, кој имал атипична бемка која има способност да метастазира.
„Секоја траума над неа предизвикува вложување на состојбата и е опасна по здравјето. А, обвинетиот не е компетентен да лекува, ова е надрилекарство, не е ниту алтернативна медицина“, рече д-р Горан Павловски.
Бранителот на обвинетиот, адвокатот Златко Крстевски најави жалба, бидејќи според доказните материјали смртта на Л.Н. била сплет на околности.