Новиот австриски канцелар: На бегалците мораме побрзо да им обезбедиме работа

Новиот австриски канцелар Кристијан Керн во првите интервјуа за австриските медиуми вели дека Австрија нема да отстапи од горната граница за прием на бегалци, што е утврдена од страна на владата за оваа година на 37.500 и дека ним би требало да им се овозможи побрз пристап до пазарот на труд, пренесува „Танјуг“.

Мораме заедно да размислиме како би можеле тоа да го забрзаме, вели Керн за весникот „Стандард“.

Тој го оцени како интересен германскиот модел, според кој што бегалците веќе по три месеци од поднесувањето на барањето за азил, а не дури по позитивниот одговор, може да се  вработат.

Неможе да ни биде во интерес тие луѓе да ги туркаме во илегала, криминал со тоа што не им даваме да работат. Тие се тука и ако не им дадеме никаква перспектива тогаш ќе произведеме феномени што не ги сакаме, подвлече Керн.

Керн вели дека не сака поинаков третман за странците и истакна дека луѓето што го поминале процесот на стекнување азил не треба да бидат третирани како граѓани од втор ред.