
Државните институции се целосно фокусирани на првите предлози кои треба да дојдат и како пакет во наредните денови и недели во делот на исполнување на итните реформски приоритети согласно барањето на извештајот на Европската Унија или наречен Извештајот на Прибе, истакна денес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање.
Во повеќе области, тргнувајќи од областа судство, медиуми, администрација, областа безбедност и повеќе други, институциите со полна фокусираност, со сите капацитети работат да ги подготват првите чекори, драфтови и се она што е потребно за да се започне еден процес на исполнување на овие барања кои што генерално ќе бидат добри и за Република Македонија заради зајакнување на државата и институциите во истата, посочи Груевски и додаде дека по нивното изготвување ќе бидат споделени со домашни и меѓународни експерти поради нивно дооформување.
Тој потенцира дека во разгледувањето на овие проекти ќе бидат вклучени сите оние кои можат и треба да бидат инволвирани .
Ќе има еден процес на инклузивност кон опозицијата доколку таа тоа го сака, да може да биде вклучена да даде свое мислење, да има дијалог, дебата. Институциите се во длабока фаза на подготовка на поголем број законски измени, одлуки, мерки, чекори кои треба да се направат, заклучи Груевски.