Фондот за иновации утре ќе објави трет повик за финансиска поддршка

Фондот за иновации и технолошки развој најави дека утре ќе биде објавен третиот повик за финансирање на проекти за кој ќе бидат обезбедени 450.000 евра, а со кој се планира да се поддржат 15 претпријатија.

Директорката на Фондот посочи дека сите заинтересирани компании подетални информации може да добијат во седиштето на Фондот, на интернет страната, како и во новата контакт канцеларија на Фондот, која беше отворена денес, а лоцирана на Рекорд.

Она што ќе го поддржуваме и оваа година се претпријатија кои постојат најмногу шест години, кои се микро, мали или средни и имаат иновативен проект. Треба да се обрне посебно внимание на степенот на иновативност на проектите, на пазарниот потенцијал, дали се наменети за извоз или за националниот пазар, на капацитетот на тимот, на квалитетот на проектот и на финансиските проекции, истака Поповска.

Фондот за иновации, истакна премиерот Емил Димитриев, е една од најзначајните институции во делот на спроведување на владините политики на иновативноста и претприемачкиот дух.

Досега беа објавени два повици за финасирање на нови идеи и иновации со кои беа финансирани 33 претежно млади компании во вкупна вредност од милион и 300.000 евра. Деновиве ќе го објавиме третиот повик за финансирање на 15 старт-ап и спин-оф компании. До крајот на годината планираме уште еден повик со кој ќе заокружиме вкупен износ од 2.650.000 евра поддршка во оваа година, објасни Димитриев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој присуствуваше на отворањето на новите канцеларии на Фондот, истакна дека овој проект се развива и добива сериозни димензии, а интересот е голем.

Ова придонесува во развој на претприемачкиот и иновативниот дух во Република Македонија. Јасно е дека во светот економскиот напредок се базира на иновации. Најнапредните земји во светот, се земји кои истовремено имаат најмногу иновации, во најголемите пазарни економии. Иновациите е двигателот на развојот на економијата и отворањето на нови работни места, истакна Груевски.

Третиот повик на Фондот ќе биде отворен од утре и ќе трае 60 дена, односно до 1 август 2016 година.