Нема причина за паника од ширење на кожната заразна болест лајшманиоза (Cutaneous leishmaniasis), кое не е ново заболување во земјава и успешно се лекува, иако сепак не треба да се занемарат симптомите на оваа смртоносна болест, смируваат од Инфективна клиника, по помпезните предупредувања во некои српски медиуми дека болеста и се заканува на Србија, а веќе е дијагностицирана и во Македонија.
Според епидемиолозите, нема место за паника за создавање епидемија на болеста во земјава поради емигрантската криза, со оглед на тоа што таа е многу проширена во Сирија и Блискиот исток, бидејќи станува збор за воени подрачја каде што луѓето немат услови за соодветен третман.
На Клиниката за инфективни болести, моментно нема болни кои се лекуваат од оваа болест. Минатата година биле евидентирани четири случаи на лајшманиоза кои се лекувале хоспитално на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, а во 2016 година, до мај е евидентиран само еден случај.
Од 72 случаи регистрирани во периодот од 2010 до 2016 година, само двајца починале. Најпогодени се жителите на Скопје, Прилеп, Штип и Велес.
Болеста не се пренесува од човек на човек и ја имаме со години, бидејќи сме ендемско подрачје. Предизвикува висок степен на смртност од 15 до 20 проценти.
Главни преносители на оваа болест се кучињата, кои се резервоар на лајшманиозата, а потоа муви и крлежи. Кај заболените предизвикува отворени рани, крварење од носот, тешко голтање и дишење.
„Оваа болест од која боледува човекот и некои животни, причинета е од паразити од родот Leishmania. Таа спаѓа во групата на зоонози, односно болест која се пренесува со вектор. Главен резервоар на заболувањет се кучињата и болните луѓе. Болеста се среќава во тропски и суптропски предели каде има поволни услови за развој на инсекти како што се флеботмите кои ја пренесуват болеста, односно се вектори. Тие се заразуват со цицање на крв од болни луѓе и болни животни“, објаснува д-р Сања Петрушевска Маринковиќ, од Клиниката за инфективни болести.
Смртоносен исход доколку не се лекува на време
Постојат три форми на болеста- висцерална, кутана и мукокутана форма. Кај нас најчесто се среќава висцералната лајшманиоза, која е тешка хронична системска болест. Инкубацијата на болеста, односно периодот од внесување на паразитот до појава на клинички симптоми, трае од 15 дена до 1 година. Почетокот на болеста е постепен.
Д-р Петрушевска Маринковиќ објаснува дека болеста се карактеризира со покачена температура, која трае подолго време, зголемување на слезената и хепарот, губење на телесна тежина кои се проследени со анемија, пад на бројот на леукоцитите, понекогаш и на сите крвни елементи, како и пад на концентрацијата на албумини во крвта.
Напредувањето на болеста резултира со појава на кахексија, односно слабеење и појава на чести интеркурентни инфекции. Ако не се препознае на време и не се лекува адекватно следува смртен исход за неколку месеци до две години. Главно, смртните случаи од болеста се појавуваат кај лица со хронични заболувања и низок имунитет на организмот. Лекувањето вообичаено трае од две до четири недели.
„Вакцина за оваа болест не постои. Мерките на профилакса се неспецифични и се засноваат на уништување на сомнителни кучиња, лекување на болни луѓе и уништување на флеботомите, посочува д-р Петрушевска Маринковиќ.
Сепак, постои специфичен третман за болеста со петовалентни антимонови соединенија (како Glucantime), или алтернатива е користење на лекот Amphotericine B.
Дијагнозата се поставува со тестови на крвта, со кои располагаат нашите здравствени установи, а терапијата е антибиотска. Чиревите на кожата се мачкаат со раствор на антимон.