Познат скопски деликвент го измами Т-Мобиле

Скопјанец, познат по сторени голем кривични дела, со лажна потврда го измами и оштети и Т-Мобиле.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, против 40-годишниот С.Ш. од Скопје е подесена кривична пријава за фалсификување исправа.

Пријавениот иако невработен, а знаејќи дека еден од условите за стекнување со право да се склучи стандарден претплатнички договор со Т-Мобиле Македонија АД Скопје е да се достави како доказ – „Потврда за работен однос“ заверена од претпријатието каде подносителот на барањето е вработен, на на почетокот на 2013 година во продажен салон на Т-Мобиле поднел  Барање за склучување на договор за засновање на претплатнички однос за пристап и користење на јавните комуникациски услуги, при што во прилог кон барањето приложил „Потврда за работен однос“ за која знаел дека е со невистинита содржина односно дека наводно е вработен во ТДПТУ „Мини Ефтинија“ ДООЕЛ Скопје заверена со штембил од наведеното претпријатие.

Од страна на Т-Мобиле Македонија до скопската полиција и Единицата за електронски криминал e доставена кривична пријава со прилог целокупна документација со која се потврдува дека С.Ш. на 10.01.2013 година во продажeн салон на Т-Мобиле поднел Барање за склучување на договор за засновање на претплатнички однос за пристап и користење на јавните комуникациски услуги и истиот ден барањето му било одобрено.

Притоа, бил склучен Стандарден претплатнички договор и анекс кон истиот за користење на поволности од понуда 24 со кои на пријавениот му било овозможено непречено користење на услугите на мобилната телефонија преку мобилната телефонија на телефонски број и по повластена цена му бил доделен мобилен телефон.

Во јануари годинава С.Ш. направил сметка чиј износ заедно со износот од февруари и разликата во повластената и редовната цена за телефонскиот апарат изнесуваат вкупно 191.399 денари, за кој износ го оштетил Т-Мобиле Македонија АД Скопје.

Од полиција информираат дека С.Ш. е познат на службата и против истиот се поднесени вкупно 62 кривични пријави, за извршени вкупно 157 кривични дела од имотните деликти, за кои во временскиот период од 1994 до 2013 година од надлежен суд му се изречени 22 казни затвор, една условна осуда и една парична казна.