Доделени 67 решенија на вработени во образовниот процес во Охрид

Вкупно 67 лица ангажирани во образовниот процес во основните и средни училишта во општина Охрид, денес добија решенија за трансформација на работен однос. Решенијата им беа доделени од страна на заменик-министерот за образование Спиро Ристовски и градоначалникот Никола Бакрачески.

На мое лично задоволство оваа бројка само го зголемува бројот на лица кои го регулираат трајно својот работен однос во рамки на образовниот систем во Македонија и можам да кажам дека од кога започнавме со реализација на овој процес во 2009-тата до сега околу 9.000 лица добија трајни решенија за вработување во рамки на системот на образование, нагласи заменик министерот Ристовски.

Градоначалникот Бакрачески изрази задоволство што на над 60 вработени во образовниот процес во општина Охрид конечно им е решен работниот статус, а кои претходно биле ангажирани на определено работно време.

Го решија нивното основно животно прашање а тоа е вработувањето, што им обезбеди стабилна егзистенција. Ослободени од притисокот, во иднина да не добијат такво решение, сега овие лица ќе можат да се се посветат и на образовниот процес и на своите семејства, рече Бакрачески.

Согласно измената на Законот за работни односи во 2009 година, трансформацијата на работен однос од определено на неопределено време почна да се врши на лица кои работат најмалку пет години на одредено работно место. Со измената од 2011 година, трансформацијата почна да се врши и на лица со две години стаж на одредено работно место.