Катица Јанева срамно и непрофесионално игнорираше десетици решенија, вештачења и судски пресуди во полза на општина Гази Баба кои јасно докажуваа дека објектот Космос на Фијат Цановски е дивоградба и не може и не смее да се третира поинаку од било која друга дивоградба, истакна денеска на прес-конференција градоначалникот на Гази баба, Тони Трајковски во врска со уривањето на објектот Космос како дивоградба.
Тој посочи дека Катица Јанева пред месец и половина во јавноста презентирала обвинувања и манипулации, без никаков доказ за дивоградбата Космос и со тоа направила класична клевета.
-Без ниту еден доказ, чисто политичко обвинување и конструкција од која секој правник би се засрамил. Катица Јанева ги сокри сите факти и аргументи и отворено застана на ставот дека некои дивоградби мора да се третираат поинаку од останатите. Селективност спроведена по налог на Зоран Заев. И покрај сите докази кои беа доставени од наша страна до СЈО, Катица Јанева сепак излезе на прес конференција и одлучи мене и моите колеги да ни го наруши угледот преку пласирање на лаги и клевети, рече Трајковски.
Тој посочи дека откако во јавноста излегоа информации дека Мирослав Грчев, висок партиски функционер на СДСМ е ангажиран како вештак на СЈО тогаш се станало јасно.
-Грчев еднаш веќе се обиде да фалсификува вештачење во полза на Фијат Цановски. Тоа не помина. Државниот просветен инспекторат реагираше, а деканот потврди дека Грчев ја злоупотребувал позицијата и незаконски употребувал печати од Архитектонскиот факултет, рече Трајковски.
Во врска со барањето на СЈО да се спроведе мерка за претпазливост, Трајковски вели дека нема намера никаде да замине особено кога е сигурен дека вистината е на негова страна.
Трајковски го искоментира и гостувањето на ТВ дебата на која бил поканет заедно со Фијат Цановски и Мирослав Грчев на која требало јавно да се соочат и да се разрешат сите заблуди, но тие не се појавиле.
-Јасно ми беше, а верувам дека и е јасно и на македонската јавност зошто не беше присутен сопственикот на објектот Космос. Иако и тој самиот на прес конференција ме повика пред македонската јавност да ги соочиме аргументите сепак тој не се појави. И тие ја имаат истата документација и знаат дека го прекршиле законот. Но сепак не ми беше јасно зошто одбива да се појави на дуел Мирослав Грчев. Доколку беше така професионален експерт ќе можевме да ги соочиме аргументите и дебатата ќе беше добра прилика јавноста да види кој ја говори вистината, а кој лаже, рече Трајковски.
Трајковски посочи дека останал зачуден кога дознал дека Катица Јанева ми забранила на Грчев да се појави на ТВ дуелот и јавно ја повика Јанева таа да излезе на телевизиски дуел каде што јавно ќе можат да се разјаснат работите и да се соочат фактите и доказите.