
Египетските власти потврдија дека ги пронашле остатоците од авионот на „Иџипт Ер“, кој со 56 патници и 10 членови на екипажот кон средината на мај се урнал во Средоземното море.
Египетскиот истражен комитет навел дека „идентификувал неколку главни локации на остатоците“.
Специјалната подморница која трагала по остатоците од урнатиот авион пронашла неколку главни локации на кои се наоѓаат деловите од леталото, соопштил комитетот. Подморницата пратила истражувачи и први снимки од остатоците, јавува Ројтерс.
Истражувачкиот тим во подморницата сега ќе направи мапа од локациите на кои има остатоци од авионот, стои во соопштението.
Авионот, кој леташе на линијата Париз-Каиро, се урна во Средоземното Море под сè уште неразјаснети околности, а не се исклучуваат и можностите дека станува збор за тероризам.