Македонија изминативе 10 години неколку пати ги менуваше законските прописи што се однесуваат на изборот и унапредувањето на судиите, со што целосно го професионализира овој процес. Имено, за да се биде избран за судија, пред с`, треба да се помине двегодишна програма на Академијата за судии и јавни обвинители за која може да конкурираат само правници со просек над 8, со две години стаж по положен правосуден испит и со сертификат за странски јазик. Судскиот совет, пак, е обврзан судиите да ги избира само од листата со кандидатите што ја поминале Академијата. Унапредувањето исто го прави само Судскиот совет и тоа по строго утврдени критериуми, пишува ДНЕВНИК.
Чудно е како денешните борци за независност на судството, кога беа министри за правда пред десетина години, воопшто ни како идеја при изборот на судии ја немаа Академијата за судии и обвинители, а не, пак, нешто друго. Одговорно тврдам дека ако се формира вакво одделение, тоа ќе биде противзаконско. Дополнително, ако се оди во бескрај со ваквите барања на една или друга страна за специјални обвинителства, специјални судии, дали тоа значи дека ќе ни требаат и специјални адвокати? Искрено, никогаш директно не ми се јавиле странци за да побараат нешто во врска со судството, но ваквите информации за листи на подобни судии што тие ќе ги одредат, дури и на ниво на шпекулација, се опасни за судството и се притисок за тоа како да работат судиите, вели за ДНЕВНИК Бранко Ушковски, поранешен прв човек на Судскиот совет.
Независноста на судот подразбира дека ниту еден судија не може правилно да ги носи одлуките доколку е исплашен, доколку е предмет на закани или очекува некаква корист од која било страна. Затоа не смеете да потклекнувате на никакви притисоци, ниту од внатре ниту од надвор.
Правдата мора да биде еднаква за сите. Целосно е неприфатливо за едни да важат законите, а за други да нема никаква одговорност!“ Ова е основната порака во форма на декларација, која вчера ја испратија од ГДОМ на собирот на граѓани пред Апелацискиот суд во Скопје, кој требаше да решава за преиначената одлука со која се одреди куќниот притвор на битолскиот градоначалник Владимир Талевски.
Собирот на ГДОМ доаѓа кога опозиционите медиуми, главно финансирани со странски пари, се обидоа да го испитаат пулсот за намерата на странците да состават листа со некорумпирани судии што би ги воделе предметите што ќе ги поднесува Kатица Јанева. Ние неодамна пишувавме дека една од идеите на странските амбасадори е да направат упад во судството за да обезбедат минливост на политичките обвиненија на специјалното обвинителство. Паралелно се бара начин и да се тргне Марко Зврлевски доколку Уставниот суд евентуално го укине СЈО.
Американците биле зафатени за одговор
За притисоците на странците врз судството отворено говореше и шефот на државата Ѓорге Иванов, но и поранешниот премиер Никола Груевски. Сепак, овој пат притисокот добива конкретен облик. Kако што објавија опозициските медиуми, странците кроеле листа на некорумпирани судии кои понатаму треба да судат по предметите што ќе ги им ги доставува специјалната Kатица Јанева. Информациите што се пласираа повикувајќи се на високи странски извори, одеа до таму дека во обновените меѓупартиски преговори веќе се врти идејата за специјално одделение во Kривичниот суд, кое ќе работи само на предмети од специјалното обвинителство. Дали ваквите информации, макар и во форма на шпекулации, не се притисок врз судиите? Kој е критериумот дали еден судија е подобен да се најде на ваквата листа? Што е со законските услови за избор на судии? Ќе доживееме ли уште една неуставна категорија во македонскиот правосуден систем сличен на СЈО?
Дали ваква идеја постои, потоа дали веќе е стапено во контакт со судии и на кое ниво, потоа дали е контактирано со официјални институции што се надлежни во изборот и унапредувањето на судии (како Академијата на судии и јавни обвинители, Судскиот совет или Здружението на судиите) и кои се критериумите за тоа, се некои од прашањата што ги поставивме до американската амбасада имајќи предвид дека информациите велеа дека нивни претставници работеле на терен со „подобните судии“. Ни одговорија дека не можат да ни одговорат поради обврски.
Официјално – нема притисок
Од друга страна, од Kривичниот суд, каде што најчесто се водат предметите на СЈО, ни потврдија дека странските претставници не контактирале на формално ниво со оваа судска институција.
Не ни е познато дека од странски амбасадори се изготвувале листи на судии. Судот, а ни претседателот на судот по однос на ова прашање не е официјално контактиран од ниту една странска амбасада во РМ, ни одговорија оттаму.
Иако формално не добивме потврда дека не се контактирани првите луѓе на најважните институции поврзани со изборот и унапредувањето на судиите, како Академијата на судии или Здружението на судиите, неофицијалните информации се дека и тие на официјално ниво не биле контактирани за ваквата идеја. Високи извори од нив ни откриваат дека имало одделни контакти со некои судии и дека деновиве ќе дојде уште позасилен притисок од странците врз македонското судство за предметите на Јанева.