Со загриженост ја примивме пораката за тоа што денеска се случи во Велика Британија, пред сè бидејќи сите наши стратешки определби и ориентации се кон Европската Унија, изјави претседателот на државата Ѓорге Иванов, при денешната посета на Министерството за внатрешни работи.
Според Иванов ЕУ сега се наоѓа во една нова реалност за која нема никакво претходно искуство и досега не се случило такво нешто, така што тоа е ново и за нив. Истакна дека ќе ги следат сите настани и изрази очекување дека ќе се појави лидерство и храброст во носењето одлуки.
Ние и претходно укажувавме дека начинот на кој се носат одлуките во Европа не соодветствува со времето во кое живееме. Гледате, ЕУ како не беше навикната и подготвена да носи две одлуки во исто време, се фокусира само на еден проблем и го заборава другиот. Знаеме дека кога беше проблемот со Грција фокусот беше да се спаси и остане во ЕУ, кога почнаа состојбите во Украина се заборави Грција, кога почна мигранстакта криза сите ја заборавија Украина, кога дојдоа безбедносните закани сите заборавија на мигрантите. Сега сите се преокупирани само со Велика Британија. Тоа сите нас нè вознемирува бидејќи сите наши граѓани очекуваат и сакаат еден ден да бидат дел од тоа големо европско семејство, рече Иванов.
Но, според Иванов потребно е лидерство и храброст и нов начин на носење на одлуки.
Ние, постарите, ја доживеавме трагедијата на поранешна Југославија, каде, исто така имаше систем на колективно одлучување и носење одлуки со консензус. Секој имаше право на вето и каде е сега таа држава? Нè загрижува можноста Европската Унија да не тргне по истиот пат затоа што во услови на криза и закани, кај земјите се јавува себичност. Секоја држава настојува само своите проблеми да ги решава, а проблеми и предизвици има премногу. Се појавуваат радикални десничарски групи кои за проблемите ги обвинуваат мигрантите и муслиманите, се јавува исламофобија кон луѓето кои немаат каде да одат бидејќи немаат ниту домови ниту држави, посочи Иванов.