Финансиската полиција со судски налог го проверува работењето на Општина Струмица

Управата за финансиска полиција во рамките на своите надлежности утврдени со Законот за кривичната постапка и Законот за финансиската полиција, по допрен глас започна со обезбедување на целокупната документација за јавните набавки во општина Струмица за кои во јавноста веќе неколку дена се зборува дека се сомнителни и за кои постојат основи на сомневање дека се резултат на извршени кривични дела, информираат од Управата.

Оттаму напоменуваат дека финансиската полиција за одземањето на оригиналната документација од повеќе тендери спроведени во рамите на општина Струмица, има обезбедено соодветна наредба од надлежниот суд согласно Законот за кривичната постапка, што, како што се вели во соопштението,  значи дека не се точни иформациите во дел од медиумите дека се одзема оригинална документација без судски налог.

Од Управата информираат дека предмет на предистражната постапка се и повеќе правни субјекти кои имаат добиено тендери и имаат склучени договори со општина Струмица, се со цел да се утврди нивната евентуална инволвираност во местење на тендери и испумпување на буџетските пари на општината.

Како орган кој согласно закон е задолжен да се бори за заштита на финансиските интереси на Република Македонија и нејзините граѓани, апелираме конкретниот случај со општина Струмица како и многу други случаеви за кои Финансиската полиција води предистражна постапка, воопшто да не се политизираат и да се остави време и простор на истражните органи да си ја завршат својата работа за која впрочем земаат и плата.  Во интерес на целосно почитување на начелото на презумпција на невиност како и поради фактот што предистражната постапка е тајна, Финансиската полиција ќе се воздржи од било какви коментари или изјави во врска со постапките се до нивно конечно завршување, велат од Управата за финансиска полиција.