
Од минатата ноќ започна поставувањето на метална ограда на хрватската граница со Србија во висина од над два метра, како одговор на новиот прилив на мигранти.
Металната ограда ќе биде подигната на граничниот премин „Батина“, близу тромеѓето на границите меѓу Хрватска, Србија и Унгарија.
Ова уследи откако приближно 700 мигранти беа спречени од страна на српската полиција да се упатат кон Хрватска. Тие претходно останаа заглавени во меѓуграничниот простор на српско-унгарската граница, откако не успеале да преминат на територијата на Унгарија.
Хрватската полиција потврди дека поставувањето на оградата е во тек, но не наведе прецизно дали тоа се прави поради мигрантите кои постојано изнаоѓаат патишта низ Балканот, иако на границите уште од февруари се воведени засилени безбедносни мерки.
Во екот на ланската бегалска криза, илјадници мигранти, претежно од Сирија, Авганистан и другите земји од Блискиот Исток, секојдневно минуваа низ т.н. „балканска рута“. Од Турција, тие пристигнуваа во Грција и од таму преку Македонија и Србија потоа се упатуваа кон земјите во ЕУ, најчесто Германија.
Во февруари годинава сите земји кои се наоѓаат долж „балканската рута“ северно од Грција ги затворија своите граници за илегалните мигранти.